Велика Британија објави воена помош за Украина од 580 милиони долари

Британскиот министер за одбрана, Џон Хили

Велика Британија во петок (11 април)објави дека ќе ѝ обезбеди на Украина 580 милиони долари воена помош, пред самитот на Контакт-групата за Украина.

Велика Британија соопшти дека, во соработка со Норвешка, ќе бидат потрошени 580 милиони долари за помош на Киев со стотици илјади борбени беспилотни летала, радарски системи и противтенковски мини, како и договори за поправка и одржување на украински оклопни возила.

Британскиот министер за одбрана Џон Хили и германскиот министер за одбрана Борис Писториус ќе бидат копретседатели на 27-от самит на Контакт-групата за одбрана на Украина во петок.

Пред состанокот во Брисел, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави дека клучното прашање е зајакнување на воздушната одбрана на неговата земја.

„На Украина ѝ се потребни доволен број модерни системи како „Патриот“. Потребна е политичка одлука за стекнување на овие системи, со цел заштита на градовите, селата и животите на нашите луѓе - особено од заканата од руските балистички ракети. Нашите партнери имаат на располагање такви системи“, рече Умеров.

Видете и ова: Американски воени претставници загрижени за слабостите на воздушната одбрана на НАТО

Руските сили имаат предност во војната во Украина, која сега е во својата четврта година.

Украинските претставници и воените аналитичари веруваат дека Русија се подготвува да започне нова воена офанзива во наредните недели за да го зголеми притисокот и да ја зајакне позицијата на Кремљ во преговорите за примирје.

Со состаноците на Контакт-групата за Украина претседаваше американскиот секретар за одбрана сè до стапувањето на должноста на Доналд Трамп во јануари.

Оттогаш, Хили ја држи оваа позиција и тој го водеше својот прв состанок во февруари.

Британското Министерство за одбрана соопшти дека британските и украинските добавувачи ќе достават нов и „голем“ пакет воена поддршка за да помогнат во зајакнувањето на вооружените сили на Украина во нивната борба за одбрана од руски напади.