Хрватска го осуди протерувањето на хрватските државјани од Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ (фотоархива).

Хрватските власти го осудија протерувањето на хрватски граѓани од Србија. Премиерот Андреј Пленковиќ побарал и појаснување од властите во Белград.

„Протерувањето на хрватските граѓани од Србија е неприфатлива практика достојна за осуда, со инсинуација дека нашите граѓани се мешаат во внатрешните настани во Србија, што секако не е случај“, рекол Пленковиќ на владина седница на 10 април.

Тој посочил дека Хрватска бара „појаснувања од властите во Србија“ и додал дека протестна нота поднело и Министерството за надворешни работи, објави Владата на социјалната мрежа Икс.

Пленковиќ на владината седница рекол и оти за сè се информирани и хрватските партнери во ЕУ.

Видете и ова: Што содржи декларацијата за воена соработка меѓу Косово, Албанија и Хрватска?

Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман изјави дека очекува Брисел да реагира на протерувањето на хрватските граѓани од Србија и оцени оти постапките на официјален Белград не се во духот на добрососедските односи.

„Секоја земја што претендира да стане членка на ЕУ треба апсолутно да ги прифати сите вредности на ЕУ, а слободата на движење е една од основните слободи на Унијата“, изјави Грлиќ Радман пред новинарите во Загреб, пренесува агенцијата Бета.

Тој рече дека во последните месеци се евидентирани 32 случаи на протерување или забрана за влез во Србија за хрватски државјани, нагласувајќи дека може да има уште такви случаи.

„Од земја-кандидат (за ЕУ) се очекува да развива и промовира добрососедски односи, а овој чин не го покажува тоа“, нагласи хрватскиот министер.

Еден од случаите на протерување е хрватската државјанка Ариен Стојановиќ Ивковиќ, која дипломирала на Медицинскиот факултет во Белград, се вработила, омажила и основала семејство во Србија. Но, по 12 години живеење во Белград, српските власти ја протераа и ѝ забранија влез во земјата во траење од една година.

На 8 април, полицијата и врачила решение со кое и го укинува претходно одобрениот привремен престој во Србија и ѝ забранува влез во земјата на една година.

Причините за тоа не се објавени во јавноста, но Стојановиќ Ивковиќ претпоставува дека тоа се должи на нејзината поддршка на студентите кои со месеци протестираат во Србија.

Хрватскиот амбасадор во Србија, Хидајет Бишчевиќ, за медиумите во Србија изјави дека во последните три дена добил информација за протерување на тројца хрватски државјани од Србија, меѓу кои и првиот човек на Хрватската стопанска комора.

Видете и ова: Протераните активисти од Србија преговараат за заедничка жалба

Ова е само еден во низата случаи на протерување на хрватски државјани од Србија. Под изговор дека претставуваат безбедносен ризик, во јануари 2025 година беа протерани учесниците на работилница организирана од фондацијата „Ерсте“ во Белград.

Освен тоа, српското раководство ја обвини Хрватска дека се обидува да ја собори владата преку тајната служба и студентските протести.

На крајот на декември 2024 година, српскиот претседател Александар Вучиќ зборуваше за влијанието на хрватската разузнавачка агенција кај невладиниот сектор во Србија велејќи дека сето тоа директно или индиректно било поддржано од западните разузнавачки агенции, како од Европа, така и од САД.

Вучиќ во таа прилика не понуди никаков доказ за тие тврдења.

Во Србија со месеци се одржуваат протести и блокади на факултетите, а студентите бараат одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.