Неформалната студентска група на Универзитетот во Ниш во блокадата, предложи да се формира експертска влада во Србија која ќе ги исполни барањата на студентските протести.
Како што наведуваат во соопштението објавено на социјалните мрежи денеска (8 април), студентите истакнуваат дека решение за излез од политичката криза е „влада која нема да ја сочинуваат партиски послушници туку експерти“.
„Ние ги сакаме оние кои студентите ќе ги номинираат, а граѓаните ќе ги прифатат. Луѓе зад кои има интегритет, знаење и јавна работа, а не партиски книшки“, додаваат студентите во блокадата при Универзитетот во Ниш.
На формирање експертска влада се до исполнување на студентските барања, ден претходно повикаа и студентите во блокадата од повеќето факултети во Нови Сад.
До овој предлог дојде откако претседателот на Србија, Александар Вучиќ го предложи докторот и професор на Медицинскиот факултет во Белград, Ѓуро Мацут како кандидат на владејачкото мнозинство за новиот премиер.
Видете и ова: Шестото барање на српските студенти во блокадите е за посетата на Вучиќ на повредените македонски пациентиПретходната влада на чие чело беше лидерот на Српска напредна странка (СНС), Милош Вучевиќ падна по неговата оставка во екот на масовните протести кои изминатите месеци ги предводат студентите во блокадата на државните универзитети.
Во фокусот на студентските барања е утврдување на кривична и политичка одговорност за загинувањето на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Во соопштението на студентите од Ниш се наведува дека „после 16 изгубени животи и повеќе од четири месеци студентски блокади и барања за правда, вистина и одговорност“ нема одговорност ниту реакции од надлежните институции.
„Молкот значи согласност, а ние не се согласуваме“ се наведува во објавата.
Студентите посочуваат дека експертската влада е облик на извршна власт составена од експерти, луѓе со докажано знаење, искуство, морален и социјален интегритет. Тие нагласуваат дека не сакаат политички кадри кои како што велат, се одговорни за тоа дека државата е доведена во криза во моментот.
Видете и ова: Протест пред ТВ Информер во Белград поради известување за студентските протести„Не сакаме систем во кој единствената квалификација за функција е партиска книшка. Наместо тоа, предлагаме нов модел: привремена, експертска влада која ќе ги стабилизира институциите, ќе ги исполни барањата на студентите, по што ќе се создадат услови за заздравување на правниот и демократскиот поредок".
Нивната иницијатива, како што тие велат, „не е одраз на револт, туку на визија".
Формирањето на експертска влада, која ќе ги задоволи барањата на студентите и ќе се подготви за изборите, беше предлог во последниве месеци од страна на неколку опозициски партии и неформална иницијатива Проглас основана од јавни личности.
Предлогот на Вучиќ за претседател на новата влада да биде професорот Макут, беше поздравен со пофалби во редовите на владејачката коалиција.
Од друга страна, опозициските партии тврдат дека улогата на премиерот е марионета во владата која де факто е предводена од Александар Вучиќ.