Повеќе од 1500 луѓе биле егзекутирани во 15 земји во текот на 2024 година. Тоа е исто така најголем број егзекуции од 2015 година, кога биле регистрирани околу 1634 случаи, соопшти денеска Амнести интернешнал во својот годишен извештај за глобалната примена на смртната казна.
Според извештајот „Смртни пресуди и егзекуции 2024 година“, во 2024 година се забележани 1518 егзекуции. Најголем дел од егзекуциите биле извршени на Блискиот Исток.
Бројките не вклучуваат илјадници луѓе за кои се верува дека биле погубени во Кина, која останува светски лидер во егзекуциите, како и во Северна Кореја и Виетнам, за кои исто така се верува дека често ја користат смртната казна.
Поради актуелната криза во Газа и Сирија, Амнести интернешнал не можеше да ја потврди точната бројка.
Иран, Ирак и Саудиска Арабија се одговорни за целокупното зголемување на познатите егзекуции. Вкупно, овие три земји се одговорни за 1380 случаи.
Видете и ова: Растот на иранските егзекуции во 2024 година ги разлути ОНИрак речиси тројно го зголемил бројот (од најмалку 16 на најмалку 63), Саудиска Арабија го удвоила бројот (од 172 на најмалку 345), додека Иран погубил 119 луѓе повеќе од минатата година (од најмалку 853 на најмалку 972) - што претставува 64% од сите познати егзекуции.
„Смртната казна е одвратно злосторство за кое нема место во денешниот свет. Иако тајноста продолжува да ги опкружува земјите за кои веруваме дека се одговорни за илјадници егзекуции, јасно е дека земјите што ја користат смртната казна се изолирано малцинство“, рече Ањес Каламар, генерална секретарка на Амнести интернешенел.
„Иран, Ирак и Саудиска Арабија беа одговорни за наглото зголемување на смртната казна минатата година. Тие извршија повеќе од 91 отсто од познатите егзекуции, кршејќи ги човековите права и бесчувствително одземајќи животи на луѓе поради обвиненија поврзани со дрога и тероризам“, додаде Каламар.
Петте земји со најголем број регистрирани егзекуции во 2024 година се Кина, Иран, Саудиска Арабија, Ирак и Јемен.
Повеќе од 40 отсто од егзекуциите во 2024 година биле извршени незаконски за злосторства поврзани со дрога. Според меѓународното право и стандарди, примената на смртната казна мора да биде ограничена на „најтешките злосторства“, а осудувањето на луѓе на смрт за злосторства поврзани со дрога не го исполнува тој критериум, наведува Амнести Интернешнал.