Српските студенти во блокадата го објавија своето шесто барање, барајќи отстранување на оние што ги сметаат за одговорни за посетата на претседателот на Србија, Алескандер Вучиќ, на повредените во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани.
По пожарот во дискотеката во кој загинаа 61 лице, дел од тешко повредените пациенти се пренесени на лекување во Белград. Тие беа сместени во одделението за интензивна нега на Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС), каде Вучиќ заедно со медиумски тимови ги посети на 17 март.
„Здравствената установа и одговорните лица во таа установа кои дозволуваат голем број неовластени и несоодветно обучени лица да влезат на одделението за интензивна нега и да снимаат, фотографираат, па дури и да допираат тешки пациенти, ги прекршуваат елементарните правила на струката и протоколите во постапувањето со имунокомпромитирани пациенти“, велат студентите во блокадата на 7 април.
Поради ова, велат, бараат поведување постапка за утврдување одговорност и разрешување на директорката на УКЦС Јелена Друловиќ, директорот на Ургентниот центар на УКЦС Марко Ерчеговац и началникот на одделението за интензивна нега на Ургентниот центар на УКЦС, Душан Мициќ.
Во соопштението, студентите посочуваат дека тој ден „на одделението за интензивна нега влегле голем број физички лица, меѓу кои претседателот на Република Србија, министерот за здравство во заминување и новинарски тим“.
„Овие лица прекршиле низа хигиенски мерки насочени кон заштита на пациентите од факторите на ризик кои можат да доведат до сериозна закана по здравјето и животот на пациентите“, додаваат тие.
Видете и ова: Мицкоски: Не правам ПР со посетите на повредените, одговарам на прашањаПропустите, според нивната проценка, меѓу другото, вклучуваат некористење соодветни обувки и облека, заштитна опрема за аудиовизуелна опрема, несоодветно носење заштитно палто, вадење заштитна маска при давање изјави за медиумите, допирање на пациенти без употреба на заштитни ракавици.
„Имаше пациенти на интензивна нега чија имунодефициентна состојба, предизвикана од термичко оштетување на кожата, ги става во екстремен ризик од инфекции кои секако би го загрозиле нивното здравје и живот, од кои особено опасни и етички и професионално недозволиви се болничките инфекции кои може да се спречат“, истакнаа студентите.
Оценуваат дека „флагрантно биле прекршени правилата на лекарската професија и етиката“.
Потсетуваат дека на 13 јануари, со цел да се спречи и контролира ширењето на респираторните инфекции, Централната комисија за болнички инфекции УКЦС воведе забрана за посета на хоспитализирани пациенти на сите клиники.
Студентите понатаму потсетуваат на изјавата на претседателот на Србија пред медиумите, со оценка дека на овој начин јавноста добила увид во доверливите медицински информации на пациенти од кои дел се малолетни.
Вучиќ тогаш рече дека имал можност да ги посети пациентите повредени во пожарот во Северна Македонија.
„Деветмина лежат овде во Клиничкиот центар. Двајца ги посетив претходно, а потоа заедно посетивме седум. Последното лице што го посетивме е во животна опасност, другите не, иако тоа не треба да се каже. Степенот на изгореници е од четири проценти, за да не се исплашат семејствата, на многу повисоко ниво“, рече Вучиќ на 17 март.
Видете и ова: Тивко „пулсира“ истрагата за пожарот во дискотеката Пулс во КочаниСтудентите посочуваат дека Србија ја потпишала и ратификувала Конвенцијата за човекови права и биомедицина, која предвидува секој да има право на почитување на приватниот живот, што важи и за информациите за здравјето на пациентите.
„Должност на државата е не само да обезбеди услови за уживање на правото на достоинство и приватност, туку и активно да се грижи овие права да не се прекршуваат“, додаваат тие.
Студентите бараат и поведување прекршочна постапка против здравствената установа, вонредна надворешна контрола на квалитетот и вонреден инспекциски надзор над работата на УКЦС, надзор над спроведувањето на Законот за заштита на личните податоци во Ургентниот центар на УКЦС.
Бараат и директорот на Ургентниот центар на УКЦС и раководителот на одделението за интензивна нега да ги информираат за протоколите за постапување во одделенијата за интензивна нега.
Се бара претседателот на Етичката комисија на УКЦС да свика јавен состанок и на студентите на Медицинскиот факултет да им достави писмен наод и мислење дали на 17 март имало прекршување на Етичкиот и деловниот кодекс со пропуштање на неовластени лица на одделението за интензивна нега на Ургентниот центар на УКЦС.
Дел од барањето е упатено и до Заштитникот на граѓаните на Србија, од кого се бара на 17 март да ја спроведе постапката за контрола на работата на Ургентниот центар на УКЦС „во врска со повреда на правата од областа на здравствената заштита и загрозување на здравјето и животот на пациентите“.
Студентите, кои повеќе од четири месеци ги блокираат универзитетите во Србија, бараат одговорност и за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад и за смртта на 16 лица.
Објавувањето на комплетната документација за реконструкцијата на зградата на станицата е клучното барање што студентите го поставија пред институциите на Србија.
До судските органи беа упатени уште две барања на студентите: санкционирање на напаѓачите на учесниците на протестот во десетици инциденти, како и прекин на кривичната постапка против демонстрантите кои беа уапсени од полицијата.
Побараа и за 20 проценти да се зголемат издвоените пари за високото образование.
Надлежните тврдат дека се исполнети сите барања на студентите, ги повикуваат да ги отворат факултетите, а академиците велат дека немаат и дека продолжуваат со блокадите.
Видете и ова: „Тур д Стразбур“- барањата на српските студенти ќе ги слушнат европските институцииТие неодамна упатија и петто барање, а тоа е истрага за инцидентот што се случи на протестот во Белград на 15 март.
Насобраните наеднаш побегнале од патот пред налетот на, како што опишуваат, силните и необични звуци и вибрации.
Засега нема официјални информации што предизвика ваква реакција, а надлежните го отфрлија обвинувањето дека е употребен „звучен топ“.