Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ја зеде 61-та жртва. Почина и вториот пациент кој се лекуваше во Литванија, а беше во критична состојба уште од почетокот, соопшти денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Како што посочи министерот, 29-годишниот Александар Гавриловски бил упатен од Градска болница на 17 март во тешка состојба, додека од 4-ти април неговата состојба почнала да се влошува.
„Жална вест, сакам да информирам дека денеска во 11 часот почина и вториот пациент којшто се лекуваше во Литванија, 29-годишен којшто беше во критична состојба уште од почетокот. Беше упатен од Градска болница на 17-ти март. Неговата состојба беше тешка, а од 4 април се влошуваше уште повеќе, додека од вчера беше на дијализа“, изјави Таравари.
Посочи дека Гавриловски бил еден од потешките пациенти, со 35 отсто изгореници од трет степен, како и изгореници во дишните патишта.
„Александар Гавриловски имаше 35 посто изгореници од трет степен, изгореници во дишните патишта и беше еден од потешките пациенти. Другите двајца засега се критични, но во стабилна состојба. Се надеваме да бидат подобри“, рече Таравари.
Видете и ова: Тивко „пулсира“ истрагата за пожарот во дискотеката Пулс во КочаниОва е вториот пациент којшто почина од вкупно 193 кои што се лекуваа надвор од државата, додаде министерот, истакнувајќи дека уште двајца пациенти и понатаму остануваат критични.
Во моментов надвор од државата се лекуваат вкупно 66 пациенти, додека во земјава десет пациенти.
„Во моментов вкупно 66 пациенти се лекуваат надвор од државата, а во земјава 10 пациенти. Останатите пациенти, освен двајцата критични нема други потешки. Се надеваме дека нема да имаме други лоши вести“, рече Таравари.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ беа повредени речиси 200 лица, а дел од нив беа пратени на лекување во странство.