Уште еден собир во Кочани - граѓаните „револтирани од гнилиот систем“

Протестен собир во Кочани под мотото „Ваш профит - наши животи“, 6 април 2025

Роднини и пријатели на починатите во трагичниот пожар, како и на лицата од обезбедувањето во дискотеката „Пулс“, наместо да маршираат како што беше планирано, попладнево (6 април) останаа на собирното место во „Паркот на револуцијата“ во Кочани.

На собирот под мотото „Ваш профит – наши животи“ им оддадоа почит на настраданите, а наместо говор, испратија писмено известување до јавноста.

„И во овие болни мигови, некој успеа да го подели народот. Јавно демантираме дека закажаниот протестен марш со мото „Ваш профит - наши животи“ е марш само за обезбедувањето! Сите ние имаме повредени или загинати роднини и пријатели! Сите мирни собири до сега беа за правда за прерано изгубените животи, за подршка на семејствата на повредените деца и за неправедно приведените членови за обезбедувањето. Револтирани сме сите од овој гнил систем! Стоп за селективна правда“, се наведува во известувањето.

Организаторите на собирот нагласија дека дополнително ќе информираат дали протестните маршеви ќе продолжат и во наредните денови.

Видете и ова: Протестен марш во Кочани: Ова не е несреќа, ова е убиство, порачаа семејствата на загинатите

Вчера (5 април) во Кочани се одржа протестен марш наречен „Марш за ангелите“ кој го предводеа членови на семејствата на починатите.

Организаторите на маршот во известувањето за овој марш до МВР нагласија дека тој „не е за лицата од обезбедувањето во дискотеката, а граѓаните кои не го прифаќаат тоа укажување не мора да се приклучуваат“.

Пожарот што се случи рано изутрина на 16 март, одзеде 60 животи, а повеќе од 200 луѓе беа повредени.