Над 50 земји побарале трговски преговори со Белата куќа, вели советник на Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп ги објави царините на 2 април 2025 година.

Повеќе од 50 земји побараа од Белата куќа да започне трговски преговори, изјави денеска (6 април) економскиот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, јави агенцијата Ројтерс, додека американските власти се обидуваат да го одбранат наметнувањето нови царини што предизвикаа глобални превирања.

Директорот на Националниот економски совет на САД, Кевин Хасет, негираше за телевизијата ABC News дека царините се дел од стратегијата на Трамп за уривање на финансиските пазари со цел да се изврши притисок врз Федералните резерви на САД да ги намалат каматните стапки.

Тој рече дека нема да има „политичка принуда“ врз американската централна банка. Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social во петокот (4 април), Трамп сподели видео во кое сугерира дека неговите царини имаат за цел да ја погодат берзата во обид да наметне пониски каматни стапки.

Министерот за финансии Скот Бесент зборувајќи за телевизијата NBC News го намали значењето на падот на берзата и рече дека „нема причина“ да се предвидува рецесија поради воведувањето царини.

Трамп ги потресе економиите ширум светот бидејќи во средата ги објави царините за американскиот увоз, што поттикна одмазднички мерки од Кина и ги подгреа стравувањата од глобална трговска војна и рецесија.

Во неделните утрински емисии на американските телевии, највисоките функционери на Трамп се обидоа да ги прикажат царините како паметно репозиционирање на САД во глобалниот трговски поредок, а економските нарушувања како краткорочни последици.

Американските акции паднаа за околу 10 отсто во два дена откако Трамп објави нов глобален царински режим кој беше поагресивен отколку што очекуваа аналитичарите и инвеститорите.

За падот на пазарите аналитичарите и големите инвеститори го обвинија агресивниот пристап на Трамп кон царините, за кои повеќето економисти и шефот на американската централна банка веруваат дека ризикуваат да ја поттикнат инфлацијата и да го загрозат економскиот раст.

Хасет изјави за ABC News дека царините на Трамп досега поттикнале „повеќе од 50“ земји да контактираат со Белата куќа за да започнат трговски преговори.

Видете и ова: САД почнаа да наплаќаат нови царини од 10 отсто, нарушувајќи ги глобалните трговски норми


Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те денеска понуди нула царини како основа за разговори со САД, ветувајќи дека ќе ги отстрани трговските бариери наместо да наметнува реципрочни мерки и велејќи дека тајванските компании ќе ги зголемат инвестициите во САД.

За разлика од другите економисти, Хасет рече дека не очекува голем удар за потрошувачите бидејќи извозниците најверојатно ќе ги намалат цените.

Министерот за финансии Бесент изјави за NBC News дека не очекува рецесија поради царините, наведувајќи го како причина поголемото зголемување на работните места во САД, отколку што се очекувало.

„Можевме да видиме од бројот на работни места во петокот, тоа беше многу над очекувањата, дека одиме напред, така што не гледам причина да мораме да проценуваме рецесија“, рече Бесент.