Националната валута на Иран, риал, падна на рекордно ниско ниво во однос на американскиот долар, додека стратегијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „максимален притисок“ врз економијата на Исламската Република продолжува да го зема својот данок.
Од 5 април, еден долар вредеше повеќе од милион риали на девизните пазари, бидејќи продавниците за валути беа повторно отворени откако претходно беа затворени за прославата на Персиската Нова Година, Новруз.
АП објави дека на улицата Фердуси во Техеран, срцето на иранските валутни пазари, некои трговци ги исклучиле електронските табли во нивните продавници кои ги прикажувале тековните девизни курсеви, бидејќи се очекувало дека риалот најверојатно дополнително ќе падне.
„Го исклучивме бидејќи не сме сигурни за последователните промени на девизниот курс“, изјави за АП, Реза Шарифи, работник во менувачница.
Трамп повторно ја воведе кампањата за „максимален притисок“ против економијата на Иран што ја започна за време на неговиот прв мандат додека Вашингтон се обидува да го притисне Техеран да преговара за неговата нуклеарна програма.
Техеран тврди дека неговиот нуклеарен сектор е наменет исклучиво за цивилни цели, додека САД го обвинуваат Иран дека се обидува да развие нуклеарно оружје.
Видете и ова: Кина, Иран и Русија повикаа на укинување на американските санкции против ИранТрамп се закани дека ќе го бомбардира Иран доколку не постигне договор со Вашингтон. Техеран ја отфрли заканата, опишувајќи ја како „навреда“ за мирот и безбедноста.
Кон крајот на март, Иран поднесе официјален одговор на писмото испратено од Трамп, во кое се предлагаат директни преговори за постигнување нов нуклеарен договор.
Иран ја отфрли можноста за директни разговори додека е во сила кампањата за „максимален притисок“, но контрадикторните изјави од Техеран наведоа некои експерти да шпекулираат дека таквите разговори би можеле да продолжат.
Гневот на јавноста расте во Иран, бидејќи економската ситуација во земјата се влошува под тешките американски санкции, што врши притисок врз реформистичкиот претседател Масуд Пезешкијан, кој беше избран во 2024 годин, што ги зголеми надежите за подобри односи со Западот.
„Оваа (економска криза) ќе ја направи перспективата за промена во (Иран) невозможна во очите на луѓето... Гневното и гладно општество може да излезе на улица во секој момент“, изјави Саид Пејванди, професор по социологија на Универзитетот во Париз 13, за Радио Фарда РСЕ во февруари.
Пензионер кој го наведе само своето име, Саид, поради страв од одмазда, изјави за АП дека ако Иран ја прекине својата непријателска политика кон надворешниот свет, може да има финансиска помош.
„Ако сакаме да живееме удобно, треба да одржуваме добри односи со нашите соседи. Не треба да им покажуваме заби. Тие ќе го направат истото“, рече тој.