Неофицијалните податоци на Институтот за јавно здравје, зборуваат дека сме 9.200, меѓутоа потребите според нашите стандарди се некаде на 14-15.000 медицински сестри, изјави на денешната прес-конференција, Гордана Бешлиовска, претседателка на Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“.
Прес-конференецијата се одржа по повод Првата конференција на медицински сестри од Југоисточна Европа, што се одржува во Скопје.
„Многу е важен моментот со конкурсите што ги очекуваме сега во текот на месец април за да се решат статусите на сестрите коишто се со договор на дело во овој момент во болниците, коишто чекаат и секојдневно се јавуваат во унијата и во здружението и ја очекуваат и понатаму нашата поддршка“, додаде Бешлиовска.
Тоа дека медицинските сестри се многу важни, како што беше истакнато, се покажало и со последната трагедија - пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март и зеде 60 жртви.
Ова го нагласија и медицинските лица - гости од странство, кои споделија информации околу состојбата на македонските пациенти повредени во пожарот, кои се лекуваат во нивните земји.
Адриано Фигановиќ, претседател на Европската организација на медицински сестри специјалисти, ја истакна важноста на медицинските сестри, особено во кризни ситуации.
Видете и ова: Искусни медицинари останале без работа, на нивно место нови кадриБешлиовска повторно побара да се направи сестринска комора, закон за сестри и сестрите да бидат лиценцирани.
„Ова што денеска ние ќе го размениме како мислење, со сите наши колеги од Европа и Југоисточна Европа и регионот, не е ништо поразлично нивното од сето она што ние овде го работиме и го правиме, само што тие имаат преточени закони и имаат сестринска документација за истото. Ние сето тоа го работиме, само ни треба за истото запис и ни треба признавање на нашите компетенции и нашите образовни квалификации да ги следат нашите работни задачи во болниците. Тоа е и начинот како ќе ги задржиме сестрите да бидат овде“, децидна беше Бешлиовска.
Според најавата, конференцијата е посветена на важни аспекти што ја дефинираат автономијата и напредокот на сестринството во современото здравство.
Тема е „Патот за автономија на сестринството“, што опфаќа прашања како што се законодавството, образованието и кариерниот развој на медицинските сестри, лиценцирањето и одговорноста, професионалниот авторитет и миграцијата на медицински кадар.