Треба да се размисли и за воведување механизми каде нема да се дозволи билатералните спорови да бидат пречка во остварувањето на колективната и заедничка цел. Ова го порача македонскиот премиер Христијан Мицкоски, во обраќањето со кое во македонското Собрание го отвори денешниот (5 април) редовен годишен состанок на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО, во кој членуваат шефовите и заменик-шефовите на националните парламентарни делегации.
Премиерот Мицкоски, осврнувајќи се на трагедијата во Кочани, истакна дека државата многупати ја докажала својата солидарност со други држави, но од друга страна „не секогаш нашата татковина го добивала она што го очекувала“.
Според него, трагедијата во Кочани покажала дека солидарноста не е само збор, туку и дело што ги поврзува народите.
Во изминатите пет години, додаде тој, значително ја подобривме интероперабилноста на нашите вооружени сили со оние на другите сојузници.
„Работиме на подобрување на стратешкото планирање, цивилната контрола врз армијата, модернизацијата на опремата и транспарентноста во управувањето со одбранбените ресурси. Обуките се одвиваат според НАТО-доктрини, а новите институционални механизми нè прават поотпорни на хибридни закани“, посочи премиерот.
Мицкоски истакна и дека регионалната соработка е клучна за стабилноста на Балканот.
На состанокот на Постојаниот комитет, кој за прв пат се организира во Северна Македонија, Министерот за одбрана Мисајловски рече дека ова е силен сигнал на единство и потврда за досегашните одлуки за зајакнување на сојузничката соработка, транспарентноста и парламентарната демократија.
Шефот на делегацијата Ковачки, истакна дека собирот има посебно значење бидејќи се одбележува петгодишнината од македонското членство во Алијансата.
„За пет години, Северна Македонија покажа дека е вреден и доверлив сојузник, кој ја исполнува целта за трошење на БДП од 2 отсто, придонесува за одбрана на источното крило, во Бугарија и во Латвија, сојузник кој ја поддржува стабилноста на Западен Балкан преку својот придонес во КФОР и сојузник кој го поддржува суверенитетот и самоодбраната на Украина“, посочи Претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело.
Во својот говор и тој ја спомена солидарноста на НАТО за трагичниот пожар во Кочани, кога петнаесет сојузници дадоа директна поддршка за земјата, вклучитлено и помош во медицинската евакуација.
Претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело (во средина), на годишниот состанок на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО, Скопје 5 Април 2025
Перестрело заклучи дека во периодот кога прославуваме 75 години од постоењето на Алијансата и 70 години од постоењето на Парламентарното собрание на НАТО, треба да бидеме подготвени за одговорност и акција имајќи ги предвид комплексниот број на закани и предизвици, кои налагаат поголемо обединување и зајакнување на капацитетите за сите.
По завршување на воведниот дел, состанокот продолжува во затворен формат.
Инаку, Постојаниот комитет е највисокото раководно тело, чии седници се одржуваат засебно секоја пролет и вообичаено, пред пролетната и годишната пленарна сесија на Парламентарното собрание на НАТО.
Во него покрај Претседателот, потпретседателите и благајникот, членуваат шефовите на парламентарните делегации од националните парламенти на земјите членки, како и претседателите на Комитетие и на Специјалната група за Медитеранот и Блискиот исток, кои се екс-официо членови на ова тело.
Согласно правилата за работа на Парламентарното собрание на НАТО и доколку не се одлучи поинаку, работниот дел на овие состаноци е од затворен карактер. Одлуките на Постојаниот комитет секогаш претходат на одлуките кои се носат на пленарните седници на Парламентарното собрание на НАТО.