Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова денеска (4 април) в Софија оствари средба со бугарскиот шеф на државата Румен Радев, а главна тема на разговорот била трагедијата во Кочани. Но, се разговарало и евроинтеграциите на Северна Македонија кои се закочени поради спорот со Бугарија, за што, претседателката изјави дека се можни компромиси и очекува исчекор на тој план.
Радев, рече Сиљановска-Давкова, бил првиот претседател што и се јавил и понудил секаков вид помош по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани ноќта меѓу 15 и 16 март во која загинаа 60 лица, а околу 200 беа повредени. Дел од повредените беа транспортирани за лекување во болницата „Пирогов“ во Бугарија.
„Ако бугарските граѓани во Софија, Пловдив, Варна со редови чекале за да дадат крв и да помогнат, јас имав должност прво да ги посетам повредените во болницата. Немам зборови и за министерот за здравство кој ме дочека, и за директорот на болницата и за професорката којашто беше таму, сретнав и македонски лекари кои работат во болницата. Имав прилика да ги видам и родителите. Добрата вест е дека има голем напредок, мислам дека уште поголем ќе биде деновиве. Тоа беше главната тема на средбата со Радев“, изјави Сиљановска-Давкова од Софија, пренесе државната агенција МИА.
Видете и ова: Радев: Бугарија е подготвена да преземе уште повредени од пожарот во КочаниЗа втората тема на разговорот – евроинтеграциите, претседателката изрази надеж.
Македонско – бугарските односи се нарушија откако во 2020 година Софија стави вето за старт на преговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ, по што двете земји во 2022 со усвојување на францускиот предлог се согласија Скопје да ги продолжи евроинтеграциите откако во преамбулата од Уставот ќе ја вметне и бугарската заедница.
Сиљановска-Давкова од Софија денеска (4 април) рече дека не е време ниту место за ова, но со Радев заклучиле дека треба многу повеќе да се среќаваат, како тие, така и министрите, луѓето од култура, студентите итн. Компромиси, рече, се можни.
„Ние ги претставуваме граѓаните, мојот легитимитет извира од граѓаните и јас како професорка по уставно право не можам да заборавам на теоријата на мандатот – дека имам право да го правам тоа за што сум добила мандат на изборите од граѓаните, но се разбира дека тука се можни компромиси јас очекувам да исчекориме“, рече претседателката, пренесе МИА.
Сиљановска-Давкова е во Софија на покана на Радев и на кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори, каде учествуваше на состанокот на шефови на држави и влади на „Акаба Процес Балкан III“.
Видете и ова: Сиљановска-Давкова и Радев имале телефонски разговорПретседателката со Радев претходно одржаа средба во ноември 2024 на маргините на Конференцијата за климатски промени-КОП29 во Баку, Азербејџан.
Во септември 2024, неколку месеци откако во мај Сиљановска-Давкова ја презеде функцијата, тие имаа средба во Софија. Македонската претседателка тогаш беше во посета на Бугарија каде од публика го следеше настапот на Националната опера и балет со „Набуко“ од Џузепе Верди во Софија.
За време не престојот, таа имаше средба со Радев, но настанот предизвика контроверзии бидејќи бугарскиот претседател ја пречека и се фотографираа пред знамињата на Бугарија и ЕУ, а без македонско знаме. Тоа беше причина тогаш властите во Скопје да испратат и протестна нота до Софија.