Мајнл-Рајзингер: Санкциите против Додик стапија на сила

Претседателот на РС, Милорад Додик, претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ и премиерот Радован Вишковиќ се под истрага поради сомневање дека нивните активности го нарушиле уставниот поредок на Босна и Херцеговина.

Австриската министерка за европски и меѓународни прашања Беате Мајнл-Рајзингер на 4 април во Сараево изјави дека стапиле на сила санкциите наметнати од таа земја и Германија против претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик и уште две лица.

Воведувањето санкции го најавија во заедничката изјава Мајнл-Рајзингер и германската државна министерка за Европа и клима, Ана Лурман.

Санкциите му забрануваат на Додик да влезе во Австрија и Германија, како и на две други лица од врвот на Република Српска (РС).

Претседателот на РС, Милорад Додик и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ и премиерот Радован Вишковиќ се под истрага поради сомневање дека нивните активности го нарушиле уставниот поредок на Босна и Херцеговина.

По нив е распишана и централна потерница, бидејќи одбиваат да одговорат на повиците за сослушување во истрагата.

„Влезот и преминувањето низ Австрија веќе стапија на сила. Мислам дека е мудро да се поддржи деескалација и да се поттикне дијалог. Институциите на Босна и Херцеговина мора да ја решат оваа криза. Но, ние исто така имаме свои интереси кога некој ќе ја премине црвената линија“, рече Мајнл-Рајзингер по средбата со министерот за надворешни работи на БиХ Елмедин Конаковиќ во Сараево.

Таа посочи дека со забраната за влез на Додик, Австрија и Германија сакале „да изразат поддршка за земја чија иднина е во Европската Унија“.

„Мислам дека е јасно да се каже дека неодамнешните постапки на Милорад Додик се закана за стабилноста и уставниот поредок, како и за територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Внимателно ја следиме постапката против него и свесни сме дека Додик ги игнорира тие постапки и неколку пати ја напушта земјата“, рече австриската министерка.

Видете и ова: Судот на БиХ нареди издавање меѓународни потерници за Додик и Стевандиќ

Министерот Конаковиќ истакна дека Додик „го урива правосудниот систем во Босна и Херцеговина“ и дека луѓето живеат во страв дека ситуацијата може да се влоши.

„Додик сега ја чека второстепената пресуда и го провоцира Обвинителството на Босна и Херцеговина и Судот на Босна и Херцеговина со тоа што не се појавува во новите случаи поведени против него“, рече Конаковиќ.

Владата во РС, предводена од прорускиот лидер Додик, се обидува да ги урне основните институции на Босна и Херцеговина преку низа неуставни одлуки и закони. Додик, заедно со членовите на неговото семејство и клучните политички соработници, веќе е на списокот со санкции на САД, а санкции воведе и Велика Британија.

Видете и ова: Усвоен нацрт-устав на Република Српска кој предвидува формирање армија и дефинирање на ентитетот како држава

Тој, исто така, одбива да ја прифати пресудата на Судот на Босна и Херцеговина со која во прв степен беше осуден на затворска казна од една година и шестгодишна забрана за политичко дејствување поради непочитување на одлуките на високиот претставник на Босна и Херцеговина.

Заедно со претседателите на Собранието и на Владата на РС, Ненад Стевандиќ и Радован Вишковиќ, Додик одбива да одговори на повиците на правосудните институции кои ги обвинуваат за кршење на уставниот поредок на БиХ, поради што пред половина месец беа по централната потерница во земјата, а се уште даваат отпор при апсењето.

Дополнително, РС се заканува со кривични пријави против оние кои живеат во тој ентитет и работат во институциите на БиХ, доколку не ги почитуваат барањата на мнозинството на Додик да ги напуштат државните институции.