Во следните 24 часа, односно максимум 36 часа, претседателот на државата ќе биде известен за името на мандатарот за нова влада, човек за кој мислиме дека треба да му се довери мандатот.
Ова денеска (3 април) го изјави претседателот на Српската напредна странка, Милош Вучевиќ.
Според него, партиските органи ќе донесат одлука за името на мандарот.
Неговата партија заедно со коалициските партнери со кои учествуваше на изборите е за формирање нова влада, а не за нови избори.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска ги продолжи консултациите за мандатот на новата влада што почнаа вчера.
Вучевиќ, по разговорите со Вучиќ, изјави дека имаат парламентарно мнозинство и сметаат дека има законски и легитимни услови да се избере нова влада до 18 април, односно до истекот на рокот што го дефинира законот по оставката на премиерот.
Доколку не се избере нова влада до 18 април на полноќ, кога истекува законскиот рок од 30 дена за избор на нов премиер и членови на владата, откако српскиот парламент ја констатира оставката на премиерот Милош Вучевиќ на 19 март, со што го прекина мандатот на целата влада, претседателот на државата е должен да го распушти Парламентот.