Состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

Министрите за надворешни работи на НАТО на 3 април треба да го отворат дводневен состанок во Брисел на кој ќе разговараат за зајакнување на одбранбените капацитети на Алијансата, бидејќи европските членки се соочуваат со зголемен притисок од САД да трошат повеќе за одбраната.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека состанокот се одржува во „особено клучно време за нашата заедничка безбедност, со предизвици премногу големи за кој било од нас да ги поднесе сам“.

Руте инсистираше на тоа дека Соединетите Држави се посветени на Алијансата и покрај критиките дека американскиот претседател Доналд Трамп ги поткопува трансатлантските односи.

„Знам дека имаше нешки муабети. Знам дека има сојузници, на пример, од оваа страна на барата кои се загрижени за долгорочната посветеност на САД во НАТО. Американците постојано изјавуваа: „Ние сме посветени на НАТО. Ние сме посветени на членот 5“, рече Руте, мислејќи на ветувањето за колективна одбрана на алијансата и додаде:

„Апсолутно сум убеден дека овој сојуз е таму за да остане со САД. Нивната посветеност е апсолутно јасна“, рече Руте.

Сојузниците на НАТО се решени да претстават обединет фронт за да се спротивстават на целосната инвазија на Русија на Украина, но европските сојузници чувствуваат дека нивните напори се маргинализирани.

Во потрага по брз договор за прекин на огнот, Вашингтон сугерираше дека Украина можеби ќе треба да направи територијални отстапки и презеде чекор за повторно започнување на дијалогот со Русија.

Американскиот државен секретар Марко Рубио се очекува да присуствува на состанокот заедно со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха и шефицата за надворешна политика на Европската Унија Каја Калас.

Рубио може да очекува да се соочи со прашања од сојузниците кои се вознемирени, лути и збунети од потезите на администрацијата на Трамп да ги поправи врските со Русија и нејзините реторички напади врз долгогодишните трансатлантски партнери.

Врз основа на она што го виделе и слушнале откако Трамп ја презеде функцијата во јануари, европските претставници изразија длабока загриженост за идната улога на САД во Алијансата.

Видете и ова: Зеленски: Партнерите на Украина ќе разговараат за распоредување странски војници

Рубио, исто така, најверојатно ќе биде притиснат да ја објасни желбата на Трамп да ја направи НАТО сојузникот- Канада 51-та држава на САД и неговиот притисок да го анектира Гренланд, кој е автономен во рамките на Кралството Данска, која е друг сојузник на НАТО.

Рубио треба да пристигне во Брисел на 3 април. Со него на патувањето ќе биде и новопотврдениот амбасадор на САД во НАТО, Мет Витакер. Се очекува тој да ја пренесе пораката дека европските сојузници треба да ги засилат трошоците за одбрана и споделување на товарот.

Водачите на НАТО во јуни се очекува да одлучат дали да ја зголемат целта на трошоците за одбрана за секоја поединечна членка од нејзиниот сегашен минимум од 2 отсто од бруто домашниот производ (БДП).

Видете и ова: ЕУ размислува за заедничко финансирање на одбраната

Администрацијата на Трамп ја промовираше идејата за минимумот од 5 проценти од БДП. Руте се залага секој сојузник да се обврзе да потроши најмалку 3,7 отсто од БДП за одбрана што е можно побрзо и со редовни извештаи за напредокот.

Некои европски сојузници нема да бидат подготвени да се посветат премногу на одбраната, со оглед на тоа што се борат со низок раст и со големиот буџетски дефицит.

Се очекува Сибиха да обезбеди ажурирање за ситуацијата на бојното поле.

Додека членството на Украина во НАТО засега не е на маса, повеќето европски сојузници сакаат барем да добијат гаранции дека американското оружје ќе продолжи да оди во Украина и дека мисијата за обука на НАТО за украинските војници продолжува да работи.

Сепак, Соединетите Држави повеќе не претседаваат со Контакт групата за одбрана на Украина, позната како Рамштајн група, која ја координира воената поддршка за Киев. Обединетото Кралство претседаваше со последниот состанок на групата во февруари, а со наредниот, кој е привремено закажан за 11 април, би можеле да биде копретседаваат Обединетото Кралство и Франција.