Во Србија почнуваат консултации за нова влада

Парламентот на Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска (2 април)почнува со консултации за формирање нова влада, и за првиот ден се закажани разговори со претставници на четири изборни листи.

За днеска се чекуваат разговори со претставниците на листата „Руска партија - Слободан Николиќ“, „Сојуз на Војводински Унгарци (СВМ)“, „Усаме Зукорлиќ - Обединети за правда - Партија на правдата и помирувањето - Босанците од Санџак, како и „Томислав Жигманов – Демократски сојуз на Хрватите во Војводина“ и пратеничката група „Ние – глас од народот“.

Вучиќ вчера изјави дека испратил писмо до сите носители на листи и пратенички групи во српското Собрание, а за учество на консултациите се пријавиле пет-шест листи. Според него, консултациите ќе завршат до петок.

Дел од парламентарните опозициски партии претходно најавија дека нема да одговорат на повикот на претседателот за консултации за формирање нова влада. На 20 март соопштија дека постигнале консензус дека формирањето преодна влада е неопходно за излез на државата од социјалната и политичката криза. Опозициските партии најавија дека идејата е тоа да биде таканаречена „Влада на народна доверба“ која би била „привремена влада, со максимално времетраење до девет месеци, што би имала конкретни задачи“.

На 19 март Собранието на Србија ја констатираше оставката на премиерот Милош Вучевиќ, со што заврши мандатот на актуелната влада. Рокот за формирање на нова влада е 18 април на полноќ. Доколку до тој датум не се формира влада, ќе бидат закажани вонредни парламентарни избори. Вучевиќ на 28 јануари поднесе неотповиклива оставка од таа функција, откако во Нови Сад се случи напад врз студентите во блокада.

Српскиот претседател нагласи дека очекува најбројната пратеничка група - СНС да го извести дали сакаат да формираат влада или сакаат нови избори, а она што е сигурно, како што рече, е дека во таа партија нема расположение за каква било преодна влада, со што и тој се согласува.

Вучиќ претходно рече дека негова уставна обврска е да им го довери мандатот за состав на влада на оние кои велат дека можат да обезбедат мнозинство, односно најмалку 126 гласа во парламентот. Според член 127 од Уставот на Србија, кандидатите за функцијата премиер на Народното собрание му ги предлага претседателот на Републиката по консултација со претставниците на избраните изборни листи.

Видете и ова: Парламентот ја потврди оставката на српската влада

Првиот вицепремиер и министер за финансии во техничкиот мандат, Синиша Мали, претходно изјави дека сите опции се на маса кога станува збор за тоа дали ќе се избере нова влада или дали ќе се одржат вонредни избори и посочи дека е важно што поскоро да има нова влада.

Социјалистичката партија на Србија потврди дека коалицијата собрана околу таа партија ќе оди на консултации со Вучиќ, и едногласно донеле одлука за продолжување на соработката со Српската напредна станка и Александар Вучиќ. Тие изразиле подготвеност да учествуваат со нивните коалициски партнери во дискусиите за формирање и избор на нова влада.

Дел од парламентарните опозициски партии изјавија дека нема да одговорат на поканата на претседателот Александар Вучиќ за консултации за новата Влада на Србија, наведувајќи дека можат да разговараат само за преодна влада.

Во заедничката изјава потпишана од Партијата на слободата и правдата, Народното движење на Србија, Новата демократска партија на Србија, ПОКС, Движењето на слободни граѓани, Партијата Србија Центар - СРЦЕ и Зелено-левиот фронт, беше оценето дека „единствениот начин Србија да оди напред е исполнување на студентските барања“ и мирни услови за промена на власта.

На поканата за консултации за новата влада нема да одговорат ниту Демократската партија, ниту движењето Еколошко востание, чии претставници изјавија дека не ја добиле поканата. На консултациите со претседателот Вучиќ нема да одат ниту претставниците на пратеничката група „Ние силата на народот“ на Бранимир Несторовиќ, кои сметаат дека „изборите мора да се распишат што е можно поскоро“.

Доколку не се избере нова влада до 18 април на полноќ, кога истекува законскиот рок од 30 дена за избор на нов премиер и членови на владата, откако српскиот парламент ја констатира оставката на премиерот Милош Вучевиќ на 19 март, со што го прекинува мандатот на целата влада, претседателот на државата е должен да го распушти Парламентот.