Стармер: Царините на Трамп веројатно ќе ја погодат Велика Британија

Британскиот премиер Кир Стармер

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека е веројатно оти царините на Доналд Трамп ќе ја погодат Велика Британија и вети дека ќе дејствува во националниот интерес како одговор.

Стармер посочи дека одмазднички царини се можни, но нагласи дека не сака да види трговска војна.

„Обединетото Кралство ќе се обиде да издејствува ослободување“, изјави секретарот Џонатан Рејнолдс, но не можеше да даде временска рамка за тоа кога очекува да се сменат даноците за увозот во Велика Британија.

Трамп утре треба да претстави огромни царини за стоки од целиот свет, настан што американскиот претседател го нарече „ден на ослободувањето“.

Видете и ова: Трамп најави царини за автомобили, алуминиум и фармацевтски производи

Владата на Стармер се обидуваше да преговара за економски договор со Соединетите Држави, за кој се надеваат дека би можел да ги заштити британските бизниси од најлошите влијанија на плановите на Трамп.

Премиерот додаде дека „сите опции остануваат на маса“ како одговор. Стармер изјави дека се надева оти договорот за кој се преговара со САД ќе ги ублажи царините.

„Нашата одбрана, нашата безбедност, нашето разузнавање се поврзани на начин на кој не се поврзани други две земји. Значи, очигледно е во наш национален интерес да имаме блиски работни односи со САД, кои ги имавме со децении, и сакам да гарантирам дека ќе имаме и во децениите што доаѓаат“, рече Стармер.

Видете и ова: Фон дер Лајен: Брисел е подготвен да возврати на американските царини

Тој додаде дека „разговорите за економски договор вообичаено ќе траат месеци или години, но „за неколку недели ние добро напреднавме во тие дискусии“.

Трамп веќе најави дека ќе биде воведен данок на увоз од 25 отсто за сите автомобили увезени во САД, мерка што ќе биде удар за автомобилската индустрија во Велика Британија.