Србија и Унгарија потпишаа договор за одбранбена соработка

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Во Палатата Србија во присуство на претседателот на државата, Александар Вучиќ денеска (1 април) беше потпишан документ од областа на одбраната меѓу Србија и Унгарија.

Планот за билатерална воена соработка меѓу министерствата за одбрана на Србија и Унгарија за 2025 година - документ за операционализација на стратешката соработка во областа на одбраната меѓу двете земји, го потпишаа министерот за одбрана на Србија, Братислав Гашиќ и министерот за одбрана на Унгарија, Криштоф Салаи-Бобровнички.

Клучни елементи на договорот се можноста за заеднички вежби и воено-техничка соработка во набавката на оружје.

Видете и ова: Владата на Србија усвои план за изградба на нафтовод од Унгарија до Нови Сад

Вучиќ по средбата изјави дека Србија има најразвиена и најинтензивна соработка на полето на одбраната со Унгарија во регионот и изрази уверување дека „договорот за заеднички активности ќе продолжи во натамошното зближување и создавање воена алијанса или воен сојуз меѓу Србија и Унгарија“.

„Секако, за тоа се прашува унгарската страна, се прашуваат унгарскиот и српскиот парламент и сите други“, рече Вучиќ на заедничката конференција. Тој додаде дека денеска е потпишан документ со кој се операционализира и конкретизира договорот за стратешка соработка во областа на одбраната постигнат во 2023 година.

Со Документот кој беше потпишан денеска се договорени 79 активности за оваа година.

Вучиќ најави и претстојна средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, на која ќе продолжат разговорите за стратешка соработка. Лани, трговската размена меѓу двете држави надминала три милијарди евра.