Соединетите Држави, наводно, направиле привремен пресврт за да го запрат проектот поддржан од САД за собирање докази за можни руски воени злосторства поврзани со наводното киднапирање на украински деца.
Долгогодишните активности кои ги финансираа САД, делумно предводени од Универзитетот Јеил, помогнаа да се отвори патот за Меѓународниот кривичен суд да ги обвини рускиот претседател Владимир Путин и Марија Лвова-Белова, руска адвокатка за правата на децата, која наводно го организирала киднапирањето на украинските деца во Русија.
Истражувачите од Јеил откриле дека Путин и другите високи руски функционери биле директно вклучени во организирана кампања за отстранување на децата од украинските територии под контрола на Русија и нивно сместување во руски летни кампови и згрижувачки домови.
Ова е направено, велат истражувачите, со малку или никаков напор да се идентификуваат родителите или законските старатели на децата.
Претходно овој месец, извршниот директор на центарот на Јеил, Натаниел Рејмонд, за Радио Слободна Европа(РСЕ) изјави дека Стејт департментот го прекинува финансирањето на напорите, што тој го нарече „катастрофален удар“ за напорите за документирање на воените злосторства.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Организиран криминал“ - Украински деца однесени во Белорусија
Администрацијата на Доналд Трамп, исто така, им забрани на истражувачите да ги предаваат своите докази до судските обвинители. Белата куќа реагираше агресивно на Хашкиот трибунал, и речиси го прогласи за нелегитимен.
Оваа недела, сепак, Стејт департментот ја промени својата одлука, објави Вашингтон пост, и обезбеди шестнеделно финансирање за да им овозможи на истражувачите да ги пренесат своите докази до агенцијата за спроведување на законот на Европската Унија, ЕВРОПОЛ.
Стејт департментот не одговори веднаш на барањето за коментар.
Одговарајќи на прашање на новинарите во Вашингтон на 27 март, американскиот државен секретар Марко Рубио потврди дека администрацијата престанала да ги финансира напорите, но сугерираше дека базата на податоци за докази е недопрена и ќе биде пренесена на „соодветните органи“.