Сиљановска-Давкова: Како држава мораме да инвестираме во одбраната и безбедноста

Претседателката на РСМ Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоки и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајот Сашко Лафчиски, 28 март 2025 година

Нашиот влог во Алијансата е истовремено и влог во Армијата и како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност, порача претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова на свеченоста по повод 5. годишнината од пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, што се одржува во касарната „Илинден“ во Скопје.

Шефицата на државата најави дека ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во мировните мисии, предводени од НАТО и од Обединетите Нации, како и дека ќе се усогласуваме со НАТО-стандардите и со Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија.

Сиљановска Давкова истакна дека целта на постоењето на Алијансата се мирот и безбедноста на нејзините земји членки и потенцираше дека безбедносните закани наметнуваат потреба од поголеми вложувања во одбраната, вклучително и во напредните технологии и оружја.

„Војната во Украина предизвика невидени човечки страдања и материјални штети и ја загрозува визијата за Европа обединета во мир. Конфликтите на Блискиот Исток генерираат нови човечки страдања и нови миграциски бранови. Кризната состојба бара брз и соодветен одговор. Свесна сум дека се наоѓаме можеби во најкритичниот геополитички период по Студената војна. Безбедносните закани наметнуваат потреба од поголеми вложувања во одбраната, вклучително и во напредните технологии и оружја. Затоа, како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност“, рече Сиљановска-Давкова.

Видете и ова: Пет години во НАТО: Членството донесе стабилност, вели Муцунски

Министерот за одбрана Владо Мисјаловски, пак, побара единството во Армијата и во Алијансата да го преточиме во единство меѓу граѓаните и да изградиме општество кое ќе се развива од сите аспекти и ќе се прилагодува на новите предизвици со една цел, подобар, побезбеден и поквалитетен живот за сите граѓани.

„НАТО не е само воено-политички сојуз и организација која ги штити надворешните граници на земјите-членки, туку е сојуз кој и покрај сите различни гледишта на мноштво теми има една заедничка суштина – грижата едни за други!“, рече Мисајловски.

Потенцираше дека членството во НАТО претставува и гарант и за стабилноста на македонската економија. Стабилност која значи можност за странски директни инвестиции, но истовремено и уште позначајно, можност за македонските компании да учествуваат на НАТО пазарот кој изнесува над 10 милијарди евра годишно.