Кенија го призна Косово

Поранешниот косовски претседател Бегетаб Пацоли (десно) до кенискиот претседател Вилијам Руто (во средината), 26 март 2025 година.

Кенија, една од африканските земји, официјално ја призна независноста на Косово на 26 март, потврди косовската претседателка Вјоса Османи, наведувајќи дека признавањето е од нејзиниот колега Вилијам Руто.

Со ова признавање, бројот на земји кои ја признаваат независноста на Косово се зголеми на 118, покажуваат податоците на косовските власти.

„Република Косово ја поздравува одлуката на Република Кенија да го признае Косово како независна и суверена држава, преку одлука потпишана од претседателот Руто, која и официјално е упатена до Претседателството“, напиша Османи на својот Фејсбук профил.

Признавањето на Косово од страна на Кенија е прво во последните четири години.

Веста во јавноста претходно ја соопшти поранешниот косовски претседател Беџет Пацоли, наведувајќи дека признавањето од Кенија дошло „на незаборавна церемонија“ во средата.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но официјален Белград не ја признава. Двете страни водат разговори за нормализирање на односите од 2011 година, со посредство на ЕУ.

Видете и ова: Белград ги отфрли тврдењата на Курти за вмешаност на Србија во изборите

Речиси немаше нови признавања на Косово во последниве години, а последното дојде од Израел во 2021 година како резултат на Вашингтонскиот договор за економска нормализација на Приштина и Белград.

Пацоли изјави дека признанието од Кенија е негова заслуга и дека „од 2009 година тој лично лобирал и разговарал со кениските власти овој ден да стане реалност“.

„Оваа победа не дојде случајно. Тоа е плод на долга, неуморна работа“, напиша Пацоли.

Претседателката Османи истакна дека особена благодарност за признавањето на Косово упатува и до Пацоли. Таа изјави дека односите меѓу Косово и Кенија ќе се продлабочат во различни области.