Владата ќе ја запре постапката за разрешување на државниот обвинител Коцевски

Влада на Северна Македонија

Владата ќе ја прекине постапката за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски и доколку добие мислење од страна на Советот на Јавни обвинители, нема да го прати до Собрание, изјави портпаролката Марија Митева.

„Она на што се однесуваше дека како Влада ќе ја прекине постапката се однесува на делот што Владата потоа по добиеното мислење треба да го испрати таквото мислење до Собранието. Да појаснам дека Владата и доколку добие мислење од страна на Советот на ЈО ќе ја запре постапката, односно истото нема да го прати до Собрание, а се разбира Советот на ЈО согласно роковите кои што ги има ќе постапува“, изјави Митева.

Видете и ова: „Неосвоиви“ тврдини во правосудството

Советот на јавни обвинители требаше денеска да го разгледа на седница предлогот за разрешување на Љупчо Коцевски од функцијата јавен обвинител. Но, седницата беше одложена поради немање кворум.

Роковите за разгледување на предлогот за разрешување на Коцевски се уште течат и Советот ќе треба да го разгледа предлогот најдоцна следната недела.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека постапката за разрешување на јавниот обвинител Коцевски ќе се запре во моментот до таму каде што се наоѓа.

„Во овој момент имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите кои што работат посебно на случајот што се случи во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат. Јас кога кажав дека сме задоволни впрочем можев да видам дека постои една заедничка акција и работа помеѓу МВР и Јавното обвинителство кое што резултираше со 34 обезбедени лица коишто имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај“, рече Мицкоски.

Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години. Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител.

Коцевски, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.

Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.