Минималната плата ќе се зголеми за 1.812 денари

Илустрација - македонски денари

Владата денеска (25 март)на седница ја усвои информацијата за утврдување на минималната плата за 2025 применувајќи ги законски утврдените критериуми, каде минималната плата за 2025 година ќе бележи пораст од 2.685 денари во бруто износ, односно 1.812 денари во нето износ, соопшти владината прес-служба.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски, на новинарско прашање рече дека од април ќе се исплаќа законски предвидениот минималец или околу 2 200 денари повеќе од сегашната минимална плата и најави дека доколку следните месеци дојде до договор меѓу работниците и работодавачите за повисок износ, ќе се направат законски измени и дополнително нивелирање.

„Согласно Законот мислам дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24.400, така е според Законот. Немаме репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет, се формираше Комисија која ќе ја утврди репрезентативноста. Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме. Ако се договарат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање“, рече премиерот Мицкоски.

Видете и ова: Mинимална плата: Засега e извесно само зголемувањето од 1.800 денари

Како што најави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, до крајот на месецов треба да се направат пресметките и да се утврди висината на минималната платата. Во таа насока веќе е формирана Комисијата за утврдување на репрезентативноста на синдикатите и минатата недела е изгласана на седница на Владата.

„Тие почнаа да работат за да одберат кој синдикат исполнува услови за да биде репрезентативен. По утврдувањето на репрезентативноста веднаш ќе го свикаме Економско социјалниот совет на кој ќе ја отвориме како тема минималната плата. Доколку работодавачите и синдикатите се договорат за друг начин на утврдување или друга вредност на минималната плата ние ќе бидеме таму за да им помогнеме на двете страни“, рече Дурмиши на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.