Лукашенко положи заклетва за седми мандат, групите за права алармираат за „противуставно“ владеење

Белорускиот претседател Александар Лукашенко положи заклетва за седми мандат, 25 март 2025

Белорускиот претседател Александар Лукашенко положи заклетва за седми мандат на 25 март, додека групите за човекови права соопштија дека владеењето на авторитарниот лидер е „противуставно“.

Лукашенко освои над 86 отсто од гласовите на претседателските избори на 26 јануари, кои беа широко осудени како измама од западните земји.

„Тие се случија во услови на длабока криза за човековите права, во атмосфера на целосен страв предизвикан од репресија врз граѓанското општество, независните медиуми, опозицијата и сите неистомисленици“, се вели во заедничката изјава на 10 белоруски групи за права на 25 март.

Лукашенко положи заклетва за време на церемонијата во главниот град Минск.

Тој меѓудругото, изјави дека трупите на НАТО се на прагот на Белорусија и дека Западот прави се што може за да ја вовлече земјата во конфликт.

„Ескалацијата околу нас само се интензивира. Војниците на НАТО се на прагот од нашиот дом и прават се за да ја вовлечат Белорусија во конфликтот“, рече Лукашенко по церемонијата на инаугурација во Палатата на независноста во Минск.

Истиот ден, стотици поддржувачи на белоруската демократска опозиција одржаа митинзи низ Европа, вклучително и во Литванија, Полска и Чешка, за да го одбележат Денот на слободата на земјата.

Видете и ова: Како Белорусија и продаваше масло од репка на ЕУ, со суровини од окупираната Украина?

На 25 март се одбележува годишнината од прогласувањето на независна Белорусија во 1918 година и традиционално се слави од белоруската опозиција, од кои многумина избегаа во егзил или беа затворени од режимот на Лукашенко.

На претседателските избори во јануари, на кои беше забрането присуството на меѓународните медиуми и западните набљудувачи, Лукашенко се натпреваруваше против четворица други кандидати, од кои сите ја поддржаа неговата влада и нејзината политика.

Лукашенко, кој е на власт три децении, ги отфрли сите критики за изборите, а истото го направи и Русија, најблискиот сојузник на Минск.

Видете и ова: Ексклузивно: Белоруска државна фирма била руски „филтрационен“ камп за Украинци

Во 2020 година, масовните протести избија по спорните претседателски избори кои го продолжија долгогодишното владеење на Лукашенко за уште еден мандат.

Изборите беа широко осудени како фалсификат од страна на Соединетите Држави, Европската Унија и другите меѓународни актери.

Протестите, на кои се бараше оставка на Лукашенко, беа дочекани со масовни апсења, наводни мачења и насилни репресии во кои загинаа неколку луѓе.