Сите училишта, градинки, јавни установи, културни домови и спортски сали во државава се безбедни, тврди претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на скопската општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Со ваков заклучок од ЗЕЛС излегоа откако биле извршени вонредни инспекциски контроли во кои учествувале и инспектори од централната власт.
Ѓорѓиевски рече дека инспекции се извршени во над 90 отсто од училиштата и градинките во земјава, а во останатите во моментов се вршат надзори кои ќе бидат завршени многу скоро.
Видете и ова: Марковски: „Злосторничко здружување“ во градежниот секторЗЕЛС даде препорака и до општините да се направат контроли и во станбените згради дали поседуваат противпожарна опрема.
„Во наредниот период практично секаде ќе има инспектори на терен. Заклучивме дека во одредени општини недостасуваат инспекторски служби. Сето тоа ќе биде надминато со меѓусебна координација во наредниот период, односно со спроведување на меѓуопштинска соработка помеѓу две или три општини со цел и последниот објект во државата да биде проверен и да биде безбеден“, изјави Ѓорѓиевски откако Управниот одбор на ЗЕЛС одржа седница на 24 март.
Ваквата контрола следува по трагедијата во Кочани каде во пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени.
Меѓутоа, Ѓорѓиевски тврди дека вакви контроли се правеле и порано, не само сега, но никој во јавноста не информирал.
Зборувајќи за тоа што генерално е најголем проблем, претседателот на ЗЕЛС ја посочи токму урбаната опрема за кафулињата.
„Во многу од контролираните угостителски објекти се затекнати неправилности, на многу места е укажано на тие неправилности. Даден е рок за нивно отстранување. Сметам дека треба да им оставиме еден месец за да и отстранат неправилностите“, изјави Ѓорѓиевски.
Трагедијата во Кочани беше причина и централната власт да започне со вонредни контроли во угостителските објекти, откако меѓу другото, беше утврдено дека дискотеката „Пулс“ работела на диво односно со фалсификувана лиценца.
Видете и ова: Истрагата лоцира „верижни пропусти и незаконитост“ кои довеле до пожарот во КочаниПортпаролката на Владата, Марија Митева, на прес-конференција на 24 март информираше дека досега се направени 116 надзори во угостителски објекти.
Во овие контроли, според тоа што го соопшти Митева, издадени се решенија за привремена забрана на 10 кафулиња и клубови, утврдено било и дека 15 од 23 објекти кои имаат активна лиценца не исполнуваат ниту минимални технички услови, а кај шест објекти кои немале активна лиценца било констатирано дека изминатиот период сепак работеле поради што им е издадена забрана.
Исто така, инспекторите издале и 59 прекршочни казни во износ од 522.690 денари кои се однесуваат на други прекршувања на Законот за угостителска дејност, како на пример, немање одобренија за тераси и неистакнат број на Државен пазарен инспекторат.