Во протестите низ Турција приведени девет новинари

Протести против апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, 22 март 2025 година

Турските власти приведоа девет новинари кои во текот на ноќта известуваа за протестите во неколку градови против апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, соопшти денеска Синдикатот на турските новинари.

Засега не е јасно зошто се приведени новинарите. Турскиот суд во неделата го затвори градоначалникот на Истанбул, Имамоглу, главен политички ривал на претседателот Таип Ердоган, до судењето за обвиненија за корупција, потег што ги предизвика најголемите протести во земјата во повеќе од една деценија.

И покрај забраните за улични собири во многу градови, синоќа петта последователна ноќ се одржаа главно мирни антивладини протести.

Протести во Турција поради апсењето на противникот на Ердоган

Главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) повикува на протести против одлуката на судот за Имамоглу, која тие ја опишуваат како политизирана и недемократска.

Владата негира дека истрагите се политички мотивирани и вели дека судовите се независни.

Имамоглу ги отфрли обвиненијата со кои се соочува, отфрлајќи ги како „незамисливи обвинувања и клевети“ и повика на протести низ целата земја.

Обраќајќи им се на демонстрантите во истанбулскиот кварт Сарачане пред зградата на општината, лидерот на ЦХП, Озгур Озел, синоќа (23 март) рече дека ќе продолжат со протестите додека Имамоглу не биде ослободен.

Меѓу приведените новинари е и фотограф од агенцијата Франс прес, соопшти синдикатот на новинарите на плаформата Х.