Истражни постапки за 26 лица за пожарот во Кочани, МВР најави дека тоа не е конечна бројка

Панче Тошковски - министер за внатрешни работи

Со истражната постапка што МВР ја спроведува во врска со несреќата во Кочани досега се опфатени вкупно 26 лица. Но, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска пред медиумите истакна дека тоа не е конечна бројка, односно дека како ќе тече истрагата ќе биде покрената истражна постапка против секое лице за кое ќе биде утврдено дека со постапување односно непостапување придонело да биде сторено кривично дело.

„За секој еден за кој ќе биде утврдено било какво дејствие со кое е сторено какво било кривично дело, без оглед дали за дејствие на презвземање или пропуштање, ќе бидат преземени соодветни постапки од МВР, во соработка и координација со надлежното Јавно обвинителство“, рече Тошковски.

Министерот кажа дека во врска со конкретниот кривичен настан што се случи во Кочани се разгледува огромна документација, во истрагата се вклучени голем број експерти, како од Обвинителството така и од истражните тимови на МВР.

„Списокот нема да биде затворен, согласно инидициите што секојдневно ги отвораме. Јавноста мора да знае дека уништувањето поврзано со корупција, непрофесионалност, незаконитост, во континуитет не има доведено каде и да копнеме, излегуваат трули работи“, рече министерот Тошковски.

Тој истакна дека со темелна истрага, со максимална посветеност ќе се работи за да се дојде до нормализирање на состојбите во сите области на општеството, со повикување на директна одговорност за секој субјект за кој биде утврдено дека е исполнител на кривично дело, независно дали до истото дошло со сторување или несторување, од аспект на дејствие.

Видете и ова: Тошковски: За седумте полицајци е доставен предлог за притвор

МВР и ОЈО денеска соопштија дека седум полициски службеници од Кочани и Штип се осомничени за тешки дела против општата сигурност, во врска со пожарот во Кочани. За нив е доставен предлог за определување на мерка притвор. Осомничените констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај. Тие веќе се спроведени во Основниот кривичен суд Скопје.

Од Кривичен потврдуваат дека во тек е нивниот распит по кој судија на претходна постапка треба да одлучи дали ќе го прифати предлогот на Обвинителството да им биде определен притвор.

Освен овие седуммина, пред судија на претходна постапка ќе биде изведено уште едно лице поврзано со кривично правен настан, кое притоа и во овој момент е едно од раководните лица во Министерството за економија.

Вечерта на 15 спрема 16 март во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 млади луѓе, а над 180 се повредени.