Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ги потврди информациите на Обвинителството дека седум полициски службеници од Кочани и Штип се осомничени за тешки дела против општата сигурност, во врска со пожарот во Кочани.
За нив е доставен предлог за определување на мерка притвор. Осомничените констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај.
Освен овие седуммина, пред судија на претходна постапка ќе биде изведено уште едно лице поврзано со кривично правен настан, кое притоа и во овој момент е едно од раководните лица во Министерството за економија.
Како што рече Тошковски, службените лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
„Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови при што починале 59, а 196 се здобиле со тешки телесни повреди, изјави министерот.
Тошковски соопшти дека првиот, како главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција при СВР Штип, и вториот како самостоен инспектор за планирање резервен состав, превенција и справување со кризни состојби, констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај.
Видете и ова: Седум полицајци од Кочани и Штип осомничени дека помогнале дискотеката „Пулс“ да добие лиценцаТретиот, како началник на Одделението за полиција во СВР Штип и четвртиот како началник на СВР Штип, одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во која е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови и со тоа што не извршиле целосна проверка пред да ја издадат и одобрат позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре, сториле незаконитост.
„Петтиот, како документарист во ПСО на Кочани, изработил телеграма во која не навел точни и целосни податоци, дека во и близина на кабарето има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, додека шестиот, во својство на заменик командир и седмиот како началник на Одделение за внатрешни работи Кочани, иако знаеле дека има повеќе пријавени нарушувања на јавен ред и мир во и близина на кабарето, истите вака изготвената телеграма ја одобриле и потпишале, со што како службени лица, не постапиле согласно прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за кабарето и со тоа предизвикале опасност за животот на луѓето“, појасни Тошковски.
Соопшти дека осомничените се обезбедени од страна на МВР и се носат во рамки на надлежниот суд, пред надлежен судија, во рамки на претходна постапка.
До сега има определено мерка притвор за 18 лица, освен овие седуммина кои ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка. Ќе биде изведено пред судија на претходна постапка уште едно лице по наредба на надлежен јавен обвинител, кое што е поврзано со овој кривично правен настан, а притоа е едно од раководните лица и во овој момент во Министерството за економија, додаде Тошковски.
Во пожарот во дискотеката, која работела на диво, ноќта помеѓу 15 и 16 март, настрадаа најмалку 59 лица, а околу 180 се повредени, според последните официјални информации.
Најголемиот број од жртвите се од Кочани – триесетина, а погреби на 20 март ќе има и во другите градови и општини од каде потекнуваат останатите загинати – Скопје, Штип, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Македонска Каменица.