Целта не е „да прави ПР, туку за да излезам пред вас, да не се кријам и да зборувам отворено за сето она со кое се соочуваме“, одговори на новинарско прашање премиерот Христијан Мицкоски по реакцииите во јавноста за посетите на болнички соби во кои лежат повредените од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде загинаа 59 луѓе, а 180 се повредени.
Реакциите на социјалните мрежи и во јавноста настанаа по посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ кој со толпа новинари и камери влезе во болничките соби на повредените кои се лекуваат во Србија.
Над 50 пациенти се испратени надвор од државата, од кои 9 пациенти се во Турција, во Бугарија 14 пациенти од кои 8 пациенти во Софија, 5 пациенти во Солун, 17 пациенти во Србија, како и 2 лица во Будимпешта и 4 лица во Романија, соопшти министерот за здравство Арбен Таравари.
Во Клинички центар моментално има 49 пациенти, а во ГОБ „8 Септември“ 18 пациенти, во Стара Градска болница 17.
Мицкоски изјави дека при посетата на пациентите повредени во пожарот во Кочани, коишто се хоспитализирани во Скопје ги запазил сите протоколи. Овој одговор следуваше на прашањето според кој протокол е дозволена посета на политичари, кога ни на семејствата не им е дозволена посета во ситуација кога е можно посетата да предизвика последици по кревкото здравје на повредените.
Видете и ова: Колективна тага и траума по трагедијата во КочаниМицкоски вели дека „има и такви коишто влегуваа со камери и слично“, но дека тој никаде не влегол со камери и нема намера да прави ПР од сето ова.
„Фотографиите се во тил, нема ниту едно лице, многу внимателно ги биравме фотографиите за да нема ниту едно лице. Не го правам тоа поради ПР, туку го правам за да излезам пред вас за да не се кријам и за да зборувам отворено за сето она со кое се соочуваме“, изјави Мицкоски по посетата на повредените во болницата „8-ми Септември“.
Тој смета дека неговата задача е преку медиумите да се обрати со пораки до граѓаните, кои се важни.
„Но, ако е тоа проблем, подготвен сум да сносам одговорност, додаде премиерот.
Премиерот апелираше до луѓето кои преживеале да се јават на матичен лекар на проверка на нивното здравје, поради можното вдишување на јаглерод диоксид.
Во пожарот кој настана ноќта меѓу 15 и 16 март, загинаа 59 луѓе и над 180 повредени.