Израел ги напаѓа Газа, Либан, Сирија, заканувајќи се дека повторно ќе разгори војна

Газа по новите напади на израелските сили, 18 март 2025 година

Израел започна опсежни воздушни напади во Појасот Газа, Либан и јужна Сирија во, како што рече, целни напади врз екстремисти кои планираат терористички напади, што повторно ги разгоре тензиите кои се закануваат да го зафатат регионот во нов, крвав конфликт.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 17-ти март рече дека и дал инструкции на војската да преземе „силна акција“ против Хамас поддржан од Иран (кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација)како одговор на одбивањето на исламистичката група да ги ослободи сите преостанати заложници и нејзиното отфрлање на новите предлози за прекин на огнот.

„Израел отсега ќе дејствува против Хамас со зголемена воена сила“, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху.

Покрај нападите врз Хамас во Газа, израелската војска соопшти дека извршила воздушни напади и во јужен Либан и јужна Сирија.

Првичните извештаи од палестинските власти во Газа говорат дека во нападите загинале најмалку 80 луѓе, а десетици се повредени, но тие рекоа дека бројот веројатно ќе се зголеми. Информацијата не можеше да биде независно потврдена.

Видете и ова: Израелските преговарачи на нова рунда разговори за примирје во Газа

Израелската војска соопшти дека нападите во Газа биле насочени кон команданти и водачи на Хамас од средно ниво и инфраструктурата на групата.

Таа рече дека е подготвена да продолжи со нападите врз Хамас онолку долго колку што е потребно и дека ќе ја прошири кампањата надвор од воздушните напади. Израелските тенкови и војници беа силно активни во Газа за време на претходната одмаздничка операција.

Израел се консултираше со Белата куќа за нејзините последни напади врз Газа, изјави портпаролката Каролин Левит за Фокс њуз.

„Како што претседателот Доналд Трамп јасно кажа - Хамас, Хутите во Јемен, Иран, сите оние кои сакаат да го тероризираат не само Израел туку и Соединетите Држави, ќе ја видат цената што ја плаќаат. Ќе биде пекол“, рече Ливит.

Видете и ова: Трамп упати „последно предупредување“ до Хамас за ослободување на заложниците

Трамп на 5 март го предупреди Хамас дека ќе има „пекол“ доколку веднаш не ги ослободи сите заложници, откако Белата куќа потврди дека имала тајни разговори со екстремистичката група.

Ројтерс цитираше висок претставник на Хамас дека Израел „еднострано го завршува“ договорот за прекин на огнот во Газа и дека акцијата ја загрозила судбината на преостанатите израелски заложници.

Насилството доаѓа во време на спорови меѓу Израел и Хамас за тоа како да се одржи трифазен прекин на огнот кој започна на 19 јануари, вклучително и размена на преостанатите заложници што ги држеше Хамас за палестински затвореници во израелските затвори.