Бес на улиците во Кочани - демолирано кафуле, превртен автомобил, каменувана општинската зграда

Протест во Кочани поради пожарот во дискотеката „Пулс“ во која на 16 март 2025 загинаа 59-мина, 17 март 2025

Стотици граѓани во Кочани денеска (17 март) излегоа на протест за да го искажат својот револт и да побараат правда, по пожарот во кочанската дискотеката Пулс, каде на 16 март животот го загубија 59 лица, најмногу од нив млади жители на Кочани.

Движејќи се од Општината кон полициската станица, дел од граѓаните го каменуваа кафулето „Класик“ кое го поседува сопственикот и на дискотеката „Пулс“.

Фрлајќи со камења и јајца по зградата на Општината во Кочани, демонстрантите го повикуваа градоначалникот, Љупчо Папазов кој денеска си поднесе неотповиклива оставка, да излезе и да се соочи со нив.

Екипата на Радио Слободна Европа ги пренесува случувањата од теренот, во живо.

Граѓаните претходно во градскиот парк во Кочани им оддадоа почит на загинатите, а движејќи се по улиците извикуваа „убијци, убијци, секој еден може да е следен и аjде млади, пуштете глас“.

На дел од нивните транспаренти пишуваше „Убиство на младината е убиство на иднината“ и „Не умираме од несреќи, умираме од корупција“.

Вкупно 59 лица загинаа во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, а најмалку 155 беа повредени. За несреќата се осомничени 23 лица, 11 лица се во притвор. Истрагата уште трае.

По несреќата, Владата на Северна Македонија вчера прогласи седумдневна жалост на територија на цела држава.