Ќе се формира ентитетска гранична полиција во Република Српска

Припадник на државната гранична полиција на БиХ, илустрација

Канцеларијата на претседателот на Република Српска (РС) денеска (17 март), објави дека на состанокот на „врвното раководство“ на тој ентитет од Босна и Херцеговина било заклучено дека треба да се формира Гранична полиција на РС.

Соопштено е и дека е формирана работна група, која денеска го одржа првиот состанок за нацрт-законите со кои ќе се регулира работата на Граничната полиција на територијата на Република Српска.

„По тој повод, попладнево ќе се одржи затворена седница на Владата на Република Српска, на која ќе се разгледаат и други прашања од севкупната политичка и безбедносна ситуација во Република Српска и БиХ. На седницата ќе присуствува и претседателот на Република Српска, Милорад Додик и српскиот член и претседател на Претседателството на БиХ, Жељко Цвијановиќ“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот на РС.

Во соопштението се додава дека ова е правна рамка „во согласност со Дејтонскиот договор“, и дека „спротивно на Дејтонскиот договор и Уставот на БиХ, на 13 јануари 2000 година, високиот претставник Волфганг Петрич со своја одлука ја наметна „Државната“ гранична служба на БиХ“.

Сепак, ова е неуставна активност, бидејќи Државната гранична полиција веќе функционира на ниво на Босна и Херцеговина, која може да се укине само со одлука на двата дома на Парламентот на БиХ.

Новиот сецесионистички и неуставен потег на властите на РС доаѓа откако Судот на БиХ нареди на претседателот на РС Милорад Додик, премиерот на ентитетот Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС Ненад Стевандиќ да им биде одреден еден месец притвор, откако ќе бидат донесени на сослушување.

Додик, Вишковиќ и Стевандиќ се осомничени за кривично дело нарушување на уставниот поредок, а во последните денови не одговараа на повиците да дадат изјави во Обвинителството на БиХ. Бидејќи наредбата на Обвинителството на БиХ за присилно притворање не била испочитувана, Судот на БиХ издаде наредба за притвор.

Во случај тоа да не е можно или осомничените да се недостапни, следен чекор е да се издаде налог за апсење. Во тој случај, сите полициски агенции во БиХ, вклучително и Државната гранична полиција, се обврзани да ги уапсат Додик, Вишковиќ и Стевандиќ.

Видете и ова: Усвоен нацрт-устав на Република Српска кој предвидува формирање армија и дефинирање на ентитетот како држава

Законот предвидува и можност да се одреди притвор доколку постои ризик од бегство или ако постои страв дека ќе се влијае на сведоците.

Наредбата за нивно притворање заради давање изјави пред Обвинителството на БиХ доаѓа во време кога властите на ентитетот на РС иницираа усвојување на низа неуставни закони.

Ова е потегот на кој се решија откако на 26 февруари Додик со првостепена пресуда на Судот на БиХ беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење функција поради непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит.

Ден по пресудата, Собранието на РС усвои закон со кој се обиде да ја забрани работата на Судот и Обвинителството на БиХ, Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) и Високиот судски и обвинителски совет на територијата на тој ентитет.

Едностраниот престанок на јурисдикцијата на државата БиХ на дел од нејзината територија не е во согласност со Уставот на БиХ и Уставниот суд на БиХ привремено го суспендираше овој закон на 7 март.

Сепак, Додик рече дека РС нема да се откаже од законот и покрај обврзувачката одлука на Уставниот суд на БиХ и бројните предупредувања од меѓународната заедница дека тоа се обиди за уривање на уставниот поредок на државата БиХ.