На лекување во странство испратени 51 пациент, ќе заминат уште дваесетина

Граѓани им оддаваат почит на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани, 17 март 2025 година

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски соопшти дека 51 лице од повредените во пожарот во Кочани се испратени на лекување во странство, преку кризниот штаб кој во изминатите 24 часа го кординираше процесот.

Дополнително уште дваесетина ќе бидат транспортирани во болници во Австрија, Словенија, Хрватска, Норвешка и во Унгарија.

Тој посочи дека во тој контекст во текот на вчерачниот ден лично остварил телефонска комуникација со министрите за надворешни работи на Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Турција, Црна Гора, Холандија, Косово, Малта, Унгарија, Израел, Албанија, БиХ и Словенија како и со Ричард Гренел во име на администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп. Дополнително, претседателот на Владата Христијан Мицкоски телефонски разговорал со регионални и светски државници вклучително и со генералниот секетар на НАТО Марк Руте, со претседателите на владите на Хрватска, Бугарија, Белгија, Србија.

„Во сите тие разговори беше изразено длабоко сочувство од страна на нашите пријатели и беше понудена помош во форма на материјално - технички средства, човечки капацитети и медицинска нега за пациентите за кои стручните медицински лица дали и за кого е потребно лекувањето да продолжи во странство. По интензивна комуникација со моите колеги за полаку од 12 часа од несреќата првите пациенти беа на пат кон државите каде што веќе е започнато нивното лекување. Во овој момент вкупно 51 македонски граѓанин е испратен на лекување во следните земји: девет пациенти во Турција, 14 во Бугарија, четворица во Грција, 17 во Србија, четворица во Литванија транспортирани со авион обезбеден од Романија и за сега два пациенти во Унгарија“, рече Муцунски.

Видете и ова: Осомничени 23-ца за пожарот во Кочани, се очекуваат нови апсења

Тој најави дека денеска (17 март) ќе бидат испратени и шест пациенти во Австрија, четири во Словенија, четири Хрватска, и уште четири пацинети и во Норвешка и во Унгарија. За давање медицинска помош во земјата веќе се пристигнати медицински тим од Чешка, а во секој момент се очекува пристигнување на медицински тим од Израел и од Белград.

Во секоја земја каде се испратени пациентите, додаде Муцунски, во министерството има определено контакт лице кое е достапно 24 часа за родителите и пациентите за каква било помош или поддршка, а контакт листата е јавно објавена на веб страницата на Министерството.

Денеска со одлука на Владата е прогласен дел на жалост, знамињата во ДКП се на половина копје, а отворени се и книги на жалост.

Во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 150 повредени се згрижени во земјава и странство.