ЕУ подготвена да помогне по трагедијата во Кочани

Пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Европската Унија е подготвена да помогнеме на Северна Македонија во справување со последиците од пожарот во ноќниот клуб во Кочани, изјави за МИА портпарол на Европската комисија.

„Подготвени сме да помогнеме преку нашиот Механизам за цивилна заштита, доколку тоа биде побарано“, посочи портпаролот, при тоа изразувајќи жалење за трагедијата.

Во врска со пожарот се огласи и еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и кризен менаџмент Хаџа Лабиб која изрази жалење за жртвите и изрази солидарност со Северна Македонија.

„Трагедија во Кочани, Северна Македонија, каде што катастрофален пожар во ноќен клуб резултираше со голем број жртви и повредени. Нашите мисли се со жртвите, нивните семејства и тимовите за итни случаи. ЕУ е подготвена да даде поддршка. Солидарни сме со Северна Македонија“, наведе Лабиб во објава на мрежата Х.

Видете и ова: Пораки за сочувство и понуди за помош по трагедијата во Кочани

Претходно изрази на сочувство, солидарност и тага изразија и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателките на Европската комисија и на Европскиот парламент, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Пораки за поддршка, сочувство и помош дојдоа од голем број на регионални и европски лидери.

Досегашната статистика покажува дека најмалку 59 лица загинаа, а 155 се повредени во пожар што се случи минатата ноќ во ноќен клуб во Кочани.