Директорката на болницата во Кочани: Повеќето повреди кај жртвите биле од стампедо

Докторка Кристина Серафимова, директорката на општа болница со проширена надлежност Кочани

Најголемиот дел од повредените лица од пожарот во дискотеката „Пулс“ кои биле однесени во Општата болница во Кочани биле на возраст од 16 до 24 години и биле од Скопје, Штип, Пробиштип и Кочани, соопшти директорката на кочанската здравствена установа, докторката Кристина Серафимова.

Како што посочи таа, најголем дел од настраданите загинале како последица на стампедо кое веројатно настанало поради паниката по избувнувањето на пожарот.

„За жал повеќето повреди биле добиени од стампедото, особено кај пациентите што се починати. Тие починале од стампедото како последица на паничниот напад кај присутните кои почнале да излегуваат од влезот на дискотеката, во која се наоѓале 1500 лица“, изјави директорката Серафимова.

Видете и ова: Истрага за пожарот во Кочани - над 20 осомничени за трагедијата

Покрај повреди од изгореници, голем дел од пациентите биле и со интоксикација на јагледорен моноксид. Во кочанската болница првично се правела првата тријажа, а потоа биле пренесувани во болниците во Штип и во Скопје. Во Кочани биле задржани само оние со помали изгореници, од прв степен.

Трагедијата во Кочани, град во источниот дел од Северна Македонија, настана во раните утрински часови на 16 март, за време на настап на музичкиот бенд ДНК во дискотеката „Пулс“.

Според последните официјални информации, загинаа најмалку 59 лица, а 155 се повредени.

Од загинатите, досега се идентификувани 35 – од нив 31 лице е од Кочани, а четворица се од Штип, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Дел од повредените, како што е најавено, ќе бидат пренесени и во болниците од регионот.

Претседателот на грчката федерација на вработени во државните болници Михалис Јанакос, во изјава за државната агенција МИА потврди дека тројца млади пациенти ќе се пренесат во болницата Папаниколау во Солун.

Петмина треба да бидат испратени и во Бугарија која испрати авион за транспорт на повредените.

Кочани по трагедијата во дискотеката „Пулс“

Се очекува дел од пациентите да се префрлат и во Истанбул, Турција, а се разгледува опција и за испраќање повредени и во Србија.

Надлежните органи во Северна Македонија соопштија дека во рамки на истрагата за трагедијата распишана е потерница за четири лица. Има и лица кои се приведени за разговор во полициска станица. Меѓутоа, засега не е познато по кого е распишана потерница, ниту пак, кои се приведените.

Во истрагата се вклучени повеќе институции, а ја предводи тим од шестмина обвинители.