Во пожарот во дискотеката почина тапанарот на ДНК, Горги Горгиев

Горги Георгиев

24-годишниот струмичанец Горги Горгиев, тапанар на групата ДНК, која синоќа настапуваше во дискотеката „Пулс“ во Кочани, е меѓу десетиците загинати. Веста за неговата смрт ја потврдија брат му Димитар и градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.

„Со неизмерна тага ја примив веста за трагичната загуба на нашиот сограѓанин, Горги Горгиев, кој го загуби својот живот во страшниот пожар во Кочани. Струмица загуби талентиран музичар, пријател и човек со големо срце, кој преку својата музика ширеше радост и емоции. Во овие тешки моменти, моите мисли и молитви се со неговото семејство, најблиските и сите кои го познаваа и сакаа“, напиша струмичкиот градоначалник Костадинов на неговиот Фејсбук.

Костадинов објави дека од 14:30 часот на Градскиот плоштад во Струмица граѓаните заедно ќе може ја споделуваат болката и тагата за загинатиот Горгиев и сите млади луѓе кои ги загубија животите во дискотеката во Кочани. Утре, пак, од 8 часот наутро во просториите на општинската зграда ќе биде отворена книга на жалост.

Владимир Блажев - Панчо од групата ДНК има изгореници на лицето и на раката и е на кислородна поддршка, но е свесен, изјави утрово за државната новинска агенција МИА Васко Спасоски од тимот на бендот.

Видете и ова: Истрага за пожарот во Кочани - над 20 осомничени за трагедијата

На општинската и зградата на противпожарната бригада во Струмица се истакнати црни знамиња во знак на жалост со загинатите во пожарот во Кочани.

Бројот на загинати лица во пожарот во дискотеката во Кочани се искачи на најмалку 59 лица, а бројот на повредени кои се хоспитализирани низ болниците низ Северна Македонија е 155 лица.

Ова се последните информации што во 12 часот ги соопшти министерот за внатрешени работи Панче Тошковски на прес-конференција.