Најмалку 59 лица се починати по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а бројот на повредени што се хоспитализирани низ болниците во Кочани, Штип и Скопје изнесува 155.
Ова е последниот пресек за трагичниот биланс од трагедијата што ја погоди Северна Македонија ноќта меѓу 15 и 16 март.
Информациите ги соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на прес-конференција од Кочани, град во источниот дел на Северна Македонија.
Кочани по трагедијата во дискотеката „Пулс“
Распишана е централна потерница за четири лица.
„Не можам во оваа фаза да кажам кои се четири лица“, им рече министерот на новинарите.
Тој, исто така, посочи дека во овој момент не може да соопшти ниту кои и колку лица се приведени во полициска станица.
Од загинатите лица, досега 35 се идентификувани. Од нив 31 лице е од Кочани, а четворица се од Штип.
Меѓу загинатите, како што кажа Тошковски, е и еден полицаец кој синоќа бил дел од акцијата за спроведување контрола низ дискотеки и угостителски објекти низ повеќе локации во Северна Македонија. Еден од објектите била токму и дискотеката „Пулс“ каде се случи трагедијата.
Акцијата била насочена кон откривање дрога и присуство на малолетници. Полицаецот бил од Пробиштип и требало да биде прогласен за најдобар полицаец на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип.
Видете и ова: Во критична состојба се 18 повредени во пожарот во Кочани, има и малолетнициТрагедијата во ноќниот клуб во Кочани се случи за време на музички настап на познатото македонско дуо ДНК. Еден од членовите, како што соопшти семејството, е со изгореници на телото и е на кислородна поддршка. Со еден од членовите полицијата извршила разговор.
Полицајците досега разговарале и со 10-тина од повредените, а ќе се изврши разговор и со останатите кои се контактибилни, соопшти Тошковски.
Во истрагата се вклучени повеќе институции и инспекторати во Северна Македонија, а ја води тим од петмина обвинители.
Министерот соопшти дека премиери и шефови на држави и од регионот и од Европа веќе разговарале со премиерот Христијан Мицкоски и понудиле помош. Меѓу нив е и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Видете и ова: Пораки за сочувство и понуди за помош по трагедијата во КочаниМеѓутоа засега не се знае дали и каква помош ќе се бара од странство.
Евентуално се разгледува дали има потреба и можност некои од повредените да се транспортираат во странство на лекување. Но, и тоа како што рече Тошковски, засега не може да се потврди бидејќи треба да се утврди дали одреден пациент е во состојба да биде транспортиран.
Поради трагедијата, како што е најавено, Владата на седница попладнето на 16 март ќе прогласи седумдневна жалост во Северна Македонија.