Пораки за сочувство и понуди за помош по трагедијата во Кочани

Пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани 16 март 2025 година

Претставници на Европската унија и амбасадори во Северна Македонија, премиери и претседатели на соседни земји, испратија пораки за сочувство и длабоко жалење за пожарот во Кочани, во кој досега според информациите на МВР почина 51 лица, а повеќе од 100 се повредени.

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во објава на Икс изрази „длабоко жалење“ поради трагедијата во Кочани.

„Длабока жалост за трагичниот пожар, кој однесе премногу млади животи во Кочани, наведе Калас во објавата.

Таа изрази сочувство до „сите погодени од оваа трагедија“, а на повредените им посака брзо закрепнување.

„ЕУ ја споделува тагата и болката на народот во Северна Македонија“, додаде Калас.

Претходно, “длабока тага“ поради трагедијата во Кочани и сочувство за жртвите изрази и еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Видете и ова: Тошковски: Досега 51 починат, над 100 повредени во пожарот во дискотека

Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер упати сочувство до семејствата и најблиските на загинатите во пожарот во дискотека во Кочани.

„Срцето ми се кине утрово за многуте жртви во синоќешниот пожар во ноќен клуб во Кочани. Нашето најдлабоко сочувство го упатуваме до жртвите и нивните најблиски во ова ужасно време, а им посакуваме брзо закрепнување на повредените. Загубата на толку многу млади животи во една заедница е страшна трагедија“, наведува Агелер во објавата на фејсбук профилот на Амбасадата на САД во земјава.

И претседателот на Србија, Алекандар Вучиќ изрази длабоко сочувство за трагедијата во Кочани.

„Со голема тага ја примив веста за страшната трагедија што ја снајде Македонија. Изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани, како и солидарност со народот на Македонија во овие тешки моменти. Нашите мисли се со сите оние кои ги загубија своите најблиски и со оние кои се борат за своите животи. Србија е секогаш подготвена да ја пружи секаква неопходна помош, во согласност со своите можности, покрај своите пријатели“, објави Вучиќ на социјалните мрежи.

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, пак, во телефонски разговор со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, понуди помош од Бугарија во овие тешки моменти.

„Изразувам искрени сочувства до семејствата на загинатите во пожарот во дискотека во Кочани. Во најтешките моменти стоиме заедно, па нудиме помош и поддршка што Бугарија може да ја пружи. Нека Бог ги прости загинатите, а ние се молиме за брзо закрепнување на повредените“, изјави бугарскиот премиер.

Сочувство за загубените животи и подготвеноста на Грција да помогне по трагедијата во Кочани, изрази и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку платформата Х.

„Искрено сочувство до народот на Северна Македонија за загубените животи во трагичниот пожар во Кочани. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Грција е подготвена да помогне во ова тешко време“, напиша Мицотакис.

Албанскиот претседател Бајрам Бегај изрази сочувство по повод трагичната несреќа што се случи во дискотека во Кочани во која загинаа над 50 лица, а стотици се повредени.

„Моето искрено и длабоко сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски и до сите граѓани во нашата соседна пријателска земја. Моите молитви и молитвите на албанскиот народ се упатени кон повредените, тие брзо да закрепнат и болката во градот Кочани да не се зголемува“, напиша Бегај во објава на Х.

Според досегашните податоци на полицијата 51 лице починало, а повеќе од 100 се повредени и пренесени во болниците во Кочани, Штип и Скопје, соопшти на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.