Коцевски: Истрагата за пожарот ќе биде целосна и брза

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија формираше обвинителски тим кој ќе раководи со истражните дејствија поврзани со пожарот во Кочани. Во обвинителскиот тим се вклучени петмина обвинители од Кочани, Штип и Скопје.

Во Кочани е републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и сите обвинители, кои заедно со останатите надлежни служби се на терен, информираат од јавното обвинителство.

„Во моментов не можам да кажам како настанал пожарот. Ние во моментов издаваме наредби во однос на одговорноста вертикална и хоризонтална за евентуалните лица кои можат да се инволвирани и да носат одговорност. Во МВР има одредени лица кои веќе даваат изјави, а денеска веќе ќе дадеме наредби и ние. Не можеме да кажеме колку лица се повикани на распит“, изјави Коцевски.

Тројца обвинители вршат увид на лице место, причините допрва ќе се утврдуваат рече Коцевски. Првичните сознанија се такви дека е настанат пожарот од пиротехнички материјали потврди обвинителот и рече дека во моментов се издаваат наредби за вештачења и собирање докази во однос на тоа како е изграден објектот, дали имало дозвола, дали ги изполнува условите се работи на тоа. За сега се уште се утврдува и бројот на присутсни во моментот на настанот.

Тој им вети на семејствата дека истрагата ќе биде целосна и брза, а ќе се ангажираат и вештаци од сите области.

Во пожарот во дискотеката во Кочани синоќа загина 51 лице, а над 100 се повредени.

Видете и ова: Тошковски: Досега 51 починат, над 100 повредени во пожарот во дискотека

Причината за пожарот, според првичните информации кои ги соопшти Тошковски се дека настанал од искри од приотехнички средства, кои биле употребени за светлосен ефект на концертот на групата ДНК.

„Во моментот на активирање на прскалките, најверојатно искрите го зафатиле таванскиот дел кој е од лесно запалива материја и за кратко пожарот се проширил низ цела дискотека и се создал густ чад. За кратко време се пристигнати противпожарни служби од околните градови, амбулантни возила, а активирани се и хеликоптери на МВР за транспорт на повредените на скопските клиники“, изјави Тошковски.

Повредените се хоспитализирани во повеќе болници низ земјата.