Мицкоски: Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива

Премиерот Христијан Мицкоски

„Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија! Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна. Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да ја издржат оваа незамислива загуба“, напиша премиерот Христијан Мицкоски на „Фејсбук“.

Мицкоски ги повикува сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства.

„Владата е целосно мобилизирана и ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија. Во текот на денот, по согледување на околностите од надлежните институции ќе и’ се обратам на јавноста со повеќе информации за преземените чекори. Во овие времиња на длабока тага, кога нашите срца се скршени од болка поради оваа ужасна трагедија, повикувам на заедништво, сплотеност, хуманост и одговорност“, вели Мицкоски.

Во пожарот во дискотеката во Кочани, според официјалните информации, загинаа 51 лице и над 100 се повредени.

Видете и ова: Тошковски: Досега 51 починат, над 100 повредени во пожарот во дискотека

Причината за пожарот, според првичните информации кои ги соопшти Тошковски се дека настанал од искри од приотехнички средства, кои биле употребени за светлосен ефект на концертот на групата ДНК.

„Во моментот на активирање на прскалките, најверојатно искрите го зафатиле таванскиот дел кој е од лесно запалива материја и за кратко пожарот се проширил низ цела дискотела и се создал густ чад. За кратко време се пристигнати противпожарни служби од околните градови, амбулантни возила, а активирани се и хеликоптери на МВР за транспорт на повредените на скопските клиники“, изјави Тошковски.

Вкупно 118 хоспитализирани повредени има низ болниците во Северна Македонија од трагедијата во дискотеката во Кочани, потврди министерот за здравство Арбен Таравари во изјава за медиумите.