Притвор и за Асмир Јахоски, Кривичен суд ја преиначи одлуката

Северна Македонија - Кривичен суд Скопје

Асмир Јахоски, сопственик на компанијата „Пуцко петрол“ оди во во 30-дневен притвор и веќе е спроведен во Истражниот затвор во врска со истрагата во која 13 лица се осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари.

Ваква одлука донесе Кривичниот суд на 14 март, откако Јавното обвинителство се жалеше на домашниот притвор што првично му беше одреден на Јахоски.

„Мерката куќен притвор, определена со решение на судија на претходна постапка се преиначува и се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165. ст.1 т. 1 и 2 , односно „опасност од бегство“ и „околности кои укажуваат дека истиот може да ја попречи истрагата со влијание врз сведоци. Донесеното решени е доставно до странките во постапката и добиено е известување од надлежната полициска станица дека лицето е обезбедено и спроведено во Истражниот затвор Скопје“, соопштија од Кривичниот суд.

Против ова решение Јахоски има право на жалба пред Апелацискиот суд.

Видете и ова: Полициска акција против „картел" за набавка на штетно гориво и перење пари

На 12 март, судија на претходна постапка донесе одлука да му одреди домашен притвор на Јахоски бидејќи бил старател на четири деца, од кои три малолетни, поради нарушена здравствена состојба и бидејќи немало ризик од бегство.

Обвинителството поднесе жалба на оваа мерка.

Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари, заедно со сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, за кои веќе беше одредена мерка притвор.

Перење пари и злоупотреба на службена должност ги поврзува сите осомничени, меѓу кои сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, за кои обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале горива со сомнителен квалитет штетни за животната средина.

Според Обвинителството за гонење на организиран криминал, двајца осомничени во период од 2021 до 2023 година го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра.

Кривична пријава е поднесена против 13 луѓе и една компанија од Скопје.