ЕУ повика „да се избегне насилство“ пред масовните протести во Србија

Србија - студенти и антивладини демонстранти маршираат кон Белград на заеднички протест, 13 март 2025 година. (АП Фото/Армин Дургут)

Европската унија (ЕУ) повика да се почитува правото на демонстрации во Србија пред големиот антикорупциски протест во Белград закажан за 15 март и соопшти дека „насилството мора да се избегне“, додека тензиите се зголемуваат, јави агенцијата АФП.

„ЕУ внимателно ја следи актуелната внатрешно-политичка ситуација во Србија“, се вели во соопштението објавено од делегацијата на унијата во Србија.

„Слободата на собирање е основно право што треба да се заштити и да се користи на мирен начин, додека безбедноста на учесниците и институциите треба да се обезбеди. Насилството мора да се избегнува“, се додава во соопштението.

Видете и ова: Голем број трактори паркирани во центарот на Белград

Десетици илјади демонстранти се очекува да се соберат во сабота во Белград, а земјоделците, наставниците и другите цивили треба да се приклучат на митингот што е дел од движењето чија цел е длабоко вкоренетата корупција во балканската нација, јави АФП.

Протестите предводени од студентите се разгореа по уривањето на покривот на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, при што 15 лица загинаа, а двајца беа тешко повредени. Тоа се случи четири месеци по свеченото отворање на реконструираната зграда на Железничката станица.

Трагедијата предизвика долготраен гнев поради наводната корупција во владата и поради слабиот надзор над градежните проекти.

По трагедијата, низ Србија беа организирани масовни протести, а дел од студентите ја блокираа работата на десетици факултети низ земјата. Бараат, меѓу другото, објавување на сите документи поврзани со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.

Додека владините претставници тврдат дека ова барање е исполнето, претставниците на експертските групи од белградскиот универзитет тоа го негираат, а студентите продолжуваат да протестираат.