Хамас e подготвен да ослободи уште еден израелско-американски заложник

илустрација

Палестинската група Хамас соопшти дека е подготвен да ослободи израелско-американски заложник и останките на четири други лица со двојно државјанство, откако палестинските милитанти и Израел се собраа на индиректни разговори за прекин на огнот во Газа.

Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

Првата фаза од примирјето меѓу Хамас и Израел во Појасот Газа заврши на 1 март, без договор за следните фази.

Висок функционер на Хамас деновиве рече дека новата рунда разговори започнала во главниот град на Катар, Доха.

Израел, исто така, испрати тим од преговарачи.

„Вчера лидерска делегација на Хамас доби предлог од браќата посредници за продолжување на преговорите“, се вели во соопштението на Хамас.

Видете и ова: Израелските преговарачи на нова рунда разговори за примирје во Газа

Се додава дека нејзиниот одговор „вклучува договор за ослободување на израелскиот војник Едан Александар, кој има американско државјанство, заедно со останките на четворица други кои имаат двојно државјанство“.

За време на почетната шестнеделна фаза од прекинот на огнот, милитантите ослободија 33 заложници, вклучително и осуммина починати, во замена за околу 1800 палестински затвореници кои се држат во израелските затвори.