Во писмена изјава до медиумите, известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Северна Македонија Томас Вајц денеска (13 март) реагираше за „притисокот на владината коалиција членовите на Судскиот совет да поднесат оставки или да бидат разрешени поради нивната наводна политичка припадност“.
„Овој повик од страна на Владата е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. Независноста на судскиот систем е клучна за владеењето на правото и поделбата на власта, коишто се темелни вредности на патот на Северна Македонија кон ЕУ“, наведува Вајц во пишаната изјава, пренесе МИА.
Реакцијата на австрискиот европратеник, кој од октомври 2024 е известувач на ЕП за Северна Македонија, слетува откако на 11 март Собранието им изгласа недоверба односно интерпелација на петмината членови на Судскиот совет кои се избираат во парламентот – Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми.
Видете и ова: Интерпелации за членови на Судски совет - тест на доблеста за оставки?Зад иницијативата за интерпелациите, која беше поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ (ВЛЕН).
Интерпелациите не се правно обврзувачки односно останува на самите членови да одлучат дали ќе се повлечат, на што повикуваа претставници од власта. Меѓу нив, и премиерот Христијан Мицкоски кој порача дека очекува петмината членови, од кои на тројца секако годинава им истекуваат мандатите, да ги напуштат функциите затоа што немаат кредибилитет.
Претходно денеска (13 март) на оваа тема зборуваше и американската амбасадорка Анџела Агелер порачувајќи дека внимателно ги следат случувањата и изјавите.
„Јас не можам да ги коментирам. Многу внимателно ги следиме процедурите во Собранието и изјавите во врска со изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет. Она што е најважно за секој од овие случаи е да се следи на начин што е јасен и транспарентен за сите оние кои го набљудуваат“, изјави Агелер.
Видете и ова: Агелер: Внимателно ги следиме изјавите за интерпелациите на Судскиот советУште откако беа најавени интерпелациите, а власта ја наметнуваше идејата и за целосно распуштање и на Судскиот и на Советот на јавни обвинители, од Судскиот совет порачаа дека единственото место каде може да се разреши член на ова тело е во самиот Совет.
Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието со Бадентерово мнозинство. Други двајца предлага претседателот на државата, но изборот го врши Собранието. Еден од овие два члена треба да биде припадник на помалите етнички заедници.
Осум члена, пак, ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори, со тоа што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државава.
Останатите двајца членови се дел од Советот само по функција – може да присуствуваат на седници, но немаат право на глас, а тоа се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.