Американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер, изјави дека не може да ги коментира интерпелациите во Собранието за петте члена на Судскиот совет, но упати порака дека внимателно ги следат случувањата.
„Јас не можам да ги коментирам. Многу внимателно ги следиме процедурите во Собранието и изјавите во врска со изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет. Она што е најважно за секој од овие случаи е да се следи на начин што е јасен и транспарентен за сите оние кои го набљудуваат“, изјави Агелер на 13 март.
На 11 март, пратениците од владејачкото мнозинство изгласаа интерпелации на петте члена на Судскиот совет кои се избрани од Собранието. Интерпелациите не се правно обврзувачки односно останува на самите членови да одлучат дали ќе се повлечат, на што повикуваа претставници од власта.
Видете и ова: Интерпелации за членови на Судски совет - тест на доблеста за оставки?Уште откако беа најавени интерпелациите во февруари, од Судскиот совет порачаа дека единственото место каде може да се разреши член е во самиот Совет.
На тројца од петте члена на Советот шестгодишните мандати им истекнуваат во јули односно декември 2025 година.
За нови членови кои се избираат од Собранието, според премиерот Христијан Мицкоски, не се дискутирано.
„Ние не влеговме во ова затоа што имаме однапред спремено тефтерчиња во коишто се наоѓаат имиња, како тие што беа во Речица и на Бихаќка. Ние влеговме од принципиелни причини бидејќи вие граѓаните им дадовте доверба помала два проценти, а и последните случувања за избор на вршител на должноста претседател на Врховниот суд, името коешто е избрано, е дополнителен мотив овие членови на Судскиот совет да бидат разрешени“ рече Мицкоски, кој заедно со Агелер присуствуваа на настан во Центарот за обука на полицијата во Идризово на 13 март.
Видете и ова: Судски совет избра в.д. претседател на Врховен судСудскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието со Бадентерово мнозинство. Други двајца предлага претседателот на државата, но изборот го врши Собранието. Еден од овие два члена треба да биде припадник на помалите етнички заедници.
Осум члена, пак, ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори, со тоа што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државава.
Останатите двајца членови се дел од Советот само по функција – може да присуствуваат на седници, но немаат право на глас, а тоа се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.