Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Русија да се согласи на 30-дневен прекин на огнот, предупредувајќи дека ќе ѝ воведе дополнителни санкции на земјата доколку таа го одбие предлогот на САД.
„Русија нема излез освен прекин на огнот. Доколку е потребно, ќе ја санкционираме, но се надевам дека нема да има потреба“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа на 12 март.
„Во финансиска смисла можеме да направиме многу непријатни, многу лоши работи, погубни за Русија, но јас не го сакам тоа“, рече тој.
Неговите коментари доаѓаат еден ден откако Киев се согласи на привремен прекин на огнот по деветчасовните разговори со претставници на Трамп во Саудиска Арабија.
Трамп го стави како главен приоритет крајот на повеќе од тригодишната руска инвазија на Украина откако ја презеде функцијата пред помалку од два месеци, брзо испраќајќи ги највисоките функционери во Москва и Киев за да ја подготват основата за разговори.
Видете и ова: Кремљ вели дека ги чека деталите за договорот за прекин на огнот во УкраинаТој го искористи значајното влијание на Вашингтон врз Украина - воената помош и размената на разузнавачки информации - за да го натера Киев да се согласи со предлогот за прекин на огнот.
Но, Трамп нема таков тип на потпора со Русија, која веќе е под огромни американски и европски санкции.
Експертите велат дека Путин најверојатно ќе се обиде да ги одолговлекува разговорите за прекин на огнот за да ја подобри својата позиција на бојното поле, а оттука и на преговарачката маса за постигнување мир.
Руските сили не само што напредуваат во источна Украина, туку и ги туркаат украинските сили од нејзиниот регион Курск.
Украина изврши упад во Курск во август, заземајќи дел од руската територија што се надеваше дека ќе ја замени за своја земја откако ќе започнат мировните преговори. Русија сега врати повеќе од половина од територијата што првично ја загуби во Курск.
Видете и ова: Зеленски: Сега е на Русија да одлучи дали ќе се приклучи на мировниот процесМосква засега одби да ги коментира спецификите на предлогот за 30-дневен прекин на огнот и не е јасно дали рускиот претседател Владимир Путин се одлучил за договорот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Москва „внимателно ја проучува“ заедничката американско-украинска изјава објавена по разговорите во Џеда и дека ќе чека да коментира додека руските преговарачи не добијат подетални информации од Вашингтон.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој ги претставуваше Соединетите држави на разговорите, рече дека Вашингтон „ќе има контакт со Русите“ денеска.