Иран - Делегат од ОАЕ достави писмо на Трамп до Хамнеи

Анвар Гаргаш, дипломатски советник на претседателот на Обединетите Арапски Емирати.

Анвар Гаргаш, дипломатски советник на претседателот на Обединетите Арапски Емирати, достави писмо од американскиот претседател Доналд Трамп до иранскиот ајатолах Али Хамнеи.

Иран објави дека делегација предводена од висок претставник од Емиратите доставила писмо од американскиот претседател Доналд Трамп до врховниот лидер на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаи, на 12 март за новинската агенција ИСНА изјави дека писмото го доставил Анвар Гаргаш - дипломатски советник на претседателот на Обединетите Арапски Емирати.

Трамп минатата недела рече дека му пишал на иранскиот ајатолах Али Хамнеи предлагајќи преговори за постигнување договор за нуклеарната програма на Техеран која се проширува.

„Не можеме да им дозволиме да имаат нуклеарно оружје“, рече тој, додавајќи дека „нешто ќе се случи многу наскоро“.

„Се надевам дека ќе постигнеме мировен договор“, рече тој, очигледно мислејќи на мирно решавање на тензиите околу нуклеарната програма на Техеран.

Видете и ова: Иран нема да преговара под „притисок и заплашување“ од САД

Хамнеи се спротивстави на директните преговори со администрацијата на Трамп и по минатонеделната најава на претседателот рече дека Техеран нема да преговара со „насилнички влади“.

„Таквите преговори немаат за цел да ги решат проблемите. Нивната цел е да ја постигнат својата доминација и да го наметнат она што го сакаат“, рече Хамнеи за време на говорот на 8 март.

Без експлицитно именување на САД, тој рече дека „насилните влади“ не се фокусирани само на иранската нуклеарна програма, туку и „поставуваат нови барања“ насочени кон одбранбените способности на Исламската Република и регионалните активности.

„Преговорите се средство за наметнување нови барања. Иран дефинитивно нема да ги исполни овие нови барања“, рече Хамнеи.

Иранскиот лидер го обвини Трамп дека е недоверлив откако ги повлече САД од клучниот нуклеарен договор во 2018 година и повторно ги воведе санкциите кои биле укинати според неговите услови.

Видете и ова: Русија, Кина и Иран ќе одржат заеднички воени вежби

По откажувањето на договорот во 2018 година, Трамп ја поздрави понудата на тогашниот јапонски премиер Шинзо Абе да посредува и во 2019 година побара од јапонскиот премиер да достави писмо до Хамнеи. Иранскиот лидер го отфрли писмото, велејќи дека „не е достојно“ за одговор.

Русија, која е една од потписниците на првичниот нуклеарен договор, изрази интерес да посредува во разговорите меѓу Техеран и Вашингтон, иако многумина се сомневаат дали Москва може да биде непристрасен посредник.

Коментирајќи ги разговорите на Москва со Вашингтон, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 12 март рече дека се разговарало за иранската нуклеарна програма и дека Трамп на своите претставници им го претставил крајот на поддршката за Техеран како „предуслов за нов нуклеарен договор“.

Во меѓувреме, Кина објави дека на 14 март ќе биде домаќин на трилатерален состанок со Иран и Русија за „размена на мислења за иранското нуклеарно прашање“, меѓу другите теми.