Кремљ не ја исклучува можноста Трамп и Путин наскоро да разговараат

Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ

Кремљ не ја исклучува можноста за скорешен телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп по американско-украинските разговори во Џеда, изјави денеска (12 март) портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Не исклучуваме дека може да се појави тема за телефонски разговор на највисоко ниво. Доколку се појави таква потреба, тоа ќе се организира многу брзо. Постојните канали за дијалог со Американците овозможуваар тоа да се направи за прилично краток временски период“, рече тој.

Песков додаде дека Русија очекува да добие информации за деталите од разговорите во Џеда со САД.

По деветчасовните преговори во Саудиска Арабија на 11 март, Украина се согласи на американскиот предлог за итен прекин на огнот за 30 дена, кој може да биде продолжен од двете завојувани страни.

Видете и ова: Откако Украина се согласи на прекин на огнот, топката сега е на руски терен

Трамп рече дека ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин подоцна во текот на неделата за да ја обезбеди неговата посветеност на американскиот предлог, но аналитичарите велат дека не се убедени дека Кремљ ќе се согласи со овој предлог.

Русија, која контролира речиси 20 отсто од Украина, има динамика на бојното поле повеќе од една година, главно поради нејзината значителна работна сила.

Московските трупи полека добиваат територии, вклучувајќи ги и клучните градови, во источна Украина, иако со огромни човечки загуби.