Европската комисија предложи регулатива за воспоставување на заеднички европски систем за враќање, кој ќе овозможи побрзи, поедноставни и поефикасни процедури за депортација од ЕУ на илегалните мигранти и лицата чии барања за азил се одбиени, вклучително и отворање на „Центри за враќање“ во трети земји.
Според еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, станува збор за збир на ефикасни и модерни процедури за враќање на илегалните мигранти.
„Овие правила се фундаментални за заштита на просторот за слободно движење на ЕУ без внатрешни граници. Со новиот европски систем за враќање, ќе се погрижиме оние кои немаат право да останат во ЕУ да бидат вратени назад“, истакна Брунер.
Новата правна рамка за враќање претставува дополнување на Пактот за миграција и азил, што беше усвоен минатата година, а со кој ЕУ постави сеопфатен пристап кон справување со предизвиците поврзани за миграцијата.
Видете и ова: Евростат: Бројот на депортирани мигранти зголемен за 12 процентиСпоред статистичките податоци, во моментов од ЕУ се депортираат само околу 20 проценти од лицата кои немаат право на легален престој во земјите членки на Унијата.
Целта на новите правила е да се воспостави модерна и поедноставна правна рамка, со што на земјите членки на ЕУ ќе им се овозможат потребните механизми за поефикасно враќање на илегалните мигранти со целосно почитување на основните човекови права.
Мерките предвидуваат и специфични правила за лица кои претставуваат безбедносен ризик, реадмисија како дел од процесот на враќање, како и отворање на „Центри за враќање“, кои врз основа на билатерален или договор на ниво на ЕУ можат да се воспостават и во земји што не се членки на Унијата, доколку тие ги почитуваат меѓународните стандарди и принципи за човекови права согласно меѓународното право.
Со одредбите на Пактот за миграција и азил, чија примена треба да започне од средината на 2026 година, се предвидува побрза и поефикасна обработка на барањата за азил, а со новопредложениот систем ќе се овозможи одбиените баратели на азил веднаш да бидат депортирани од ЕУ.