Рубио и Зеленски пристигнаа во Саудиска Арабија

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државен секретар Марко Рубио на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на 61-та Минхенска безбедносна конференција. Архивска фотографија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Саудиска Арабија, каде ќе се водат разговори за можен мир меѓу неговата земја и Русија, која ја нападна Украина пред повеќе од три години.

Украинскиот лидер на 10 март слета на аеродромот во крајбрежниот град Џеда на Црвеното Море, потврди украинската државна телевизија Фридом на социјалната платформа Телеграм.

На 11 март, група украински преговарачи предводени од шефот на Канцеларијата на Зеленски, Андриј Јермак, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха и министерот за одбрана Рустем Умеров ќе се сретнат со американска делегација предводена од американскиот државен секретар Марко Рубио.

Видете и ова: Четири работи околу клучните американско-украински разговори во Саудиска Арабија

Претходно Рубио пристигна во пристанишниот град Џеда на Црвеното Море предводејќи ја делегацијата во која е и Мајк Волц, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува новинската агенција Франс Прес.

Зеленски нема да учествува во разговорите. Тој на 9 март изјави дека Киев се надева на резултати кои ќе го доближат мирот и ќе доведат до продолжување на американската поддршка.

Видете и ова: Засилени руски напади пред разговорите на САД и Украина во Ријад

Еднодневните разговори во Саудиска Арабија ќе бидат први средби меѓу украинските и американските официјални претставници по напнатата посета на Зеленски во Белата куќа.

Тие, исто така, доаѓаат речиси еден месец откако американските и руските претставници одржаа разговори во саудискиот главен град Ријад, за завршување на војната во Украина, без присуство на Киев.

Од целосната инвазија на Русија на Украина во 2022 година, Киев повикува на враќање на целата нејзина територија и целосно повлекување на руските сили.

Коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп и други американски официјални лица покажуваат дека оваа позиција не се гледа како реална во Белата куќа.

Зеленски беше под силен притисок на САД да направи отстапки пред какви било мировни преговори и се залагаше за цврсти безбедносни гаранции за Киев, кои досега не ги добил.

Москва продолжува да се залага за воздржување на Украина од НАТО, признавање на украинската територија што ја окупира, демилитаризација на Украина и укинување на западните санкции против руската економија.